
Обврска или самостојна одлука, што вели Законот, а што покажува праксата. Склучен договор меѓу две страни и неговото понатамошно чување и архивирање. Имено, М-Нет телевизија побара пристап до информации од јавен карактер од Општина Карбинци. Каде и на кој начин општината склучува договори за рекламирање и соработка со медиумите во последните пет години. На ова од Општина Карбинци одговорија дека договори за рекламирање се склучени со неколку медиуми, последен пат на 1 март годинава за тековната 2022 година. Но, во понатамошниот текст од одговорот пишуваше дека во архива ги нема споменатите договори и од тие причини не биле во можност да ни ги достават во скенирана форма. Од овде се поставува и прашањето дали договорите може да ги нема во Архива или едноставно не сакаат во целост да одговарат на нашето барање.
Прашавме и во Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер дали договорите треба да се имаат во Архива, задолжително ли е или не. Од таму, Петар Гајдов во телефонски разговор за М-Нет телевизија истакна дека општината е должна договорот да го има во Архива и во конкретниот случај најверојатно не сака да ги достави бараните договори.
„Должни се договорите да ги имаат во Архива. Впрочем кога се склучува договор двете страни имаат по еден примерок од истиот, и тој не смее да го нема во Архива. Во конкретниот случај општината не сака да Ви го достави договорот. Но, доколку и по ваше инсистирање не Ви се достави истиот може да реагирате до Државен пазарен инспекторат, да се направи контрола и ако се установи дека навистина договорите ги нема во Архива следуваат казни“ – кажа Гајдов.
По ова М-Нет телевизија ќе ги употреби сите правни средства и ќе ги извести сите релевантни институции за добивање на договорите на рекламирање на Општина Карбинци во медиумите и нивно споделување во јавноста.
Лаура Стојанова М-Нет