Генијални умови од Штип – Благој Петров

Радио Штип започна со работа на 1 мај 1960 година. Основач на ова радио е Благој Петров кој ги изговори првите зборови слушнати на радио мрежата “Зборува Радио Штип” од неговата куќа кај градскиот саат. Цела година радиото емитуваше програма од неговиот дом. Тој целиот свој живот го посвети на радиото, не дозволувајќи ниту еден ден да остане без програма или да наиде на некој дефект, работејќи вредно на развитокот и успехот на радио станицата. Првиот среднобрановен предавател на станицата е поставен во населба Пребег токму од него.

Првите денови на радиото, Благој Петров со својата ќерка прим. др. Стојка Василева

Благој Петров уште како дете започнува да се занимава со радио-аматерство како член на клубот “Никола Тесла” при Народна техника. Бидејќи ова е работата која го привлекувала тој по само неколку години го совладува занаетот и станува платен радиоаматерски инструктор во Народна техника.  По отслужувањето на воениот рок Благој Петров се вработува во новиот сервис за радио акустички уреди “Прогрес”, каде раководството било доделено на словенец и хрват кои бидејќи доаѓале од поразвиени земји се сметале за поголеми професионалци, и задача им било да успеат да формираат локална радиостаница за потребите на граѓаните, но пет години подоцна било утврдено дека од создавањето на локална радиостаница останува само идеата бидејќи за таков потфат се потребни вистински стручњаци и скапа опрема. На ова се спротивставил Благој Петров кој тврдел дека со старата опрема и делови кои ги поседува Народна техника може да  создаде радиостаница за само осум дена.  Овој каприц вродил со плод и го докажал квалитетот на Петров и целосно ги отфрлил тврдењата дека за создавање на локална радиостаница се потребни стручњаци од други земји. Било очигледно дека нашиот град поседува таков стручњак, мајстор над мајсторите а тоа е Благој Петров. Со старите делови од опремата на Народна техника и материјали од сервисот на “Прогрес”, како и стари делови од Скопскиот воен отпад, внимателно одбрани, склопени, за само шест дена успева да формира радио станица од 5 вати, а како антенски столб бил искористен градскиот саат кој се наоѓал во дворот на неговата куќа. Откако утврдил дека со радио станицата е се во ред, нестрпливо чекал да дојде 15 април датум кога било договорено точно време и фрекфенција кога за прв пат од неговата куќа преку радиостаницата ќе се огласи првиот спикер Ѓорги Антиката. На овој начин за само една недела од нешто навидум неостварливо во Штип за прв пат се создаде радиостаница. Создавањето на ваков проект за кои многу личности на високи позиции се изјасниле за невозможен, ја покажуваат токму генијалноста на овој човек и го вбројуваат во најголемите умови кои нашиот град ги имал. Години потрошени во проект биле реализирани во само 6 дена.

На само 25 годишна возраст му е укажана доверба и преку Народна техника му се одобрени финансии за нова радиостаница со поголема јачина која по едногодишна волонтерска работа во неговата куќа свечено е пуштена во употреба со јачина од 30 вати. Секој ден во текот на една година од куќата на Петрови е емитувана едночасовна програма подготвувана токму од Благој и неговите соработници од Радио-клубот. Конечно на 1 мај 1960 година на нова локација до црквата Свети Илија во центарот на градот се формира Радио Штип. Од каприц до исполнување на сонот, радиостаницата од 5 вати доживува се поголеми успеси и многубројни награди и признанија. Своите знаења Петров несебично ги пренесувал на помладите генерации, а особено на своите внуци кои постојано ги споменува во интервјуата од тоа време. Тие ден денес се гордеат со успесите на својот дедо иако само еден од нив ја наследи љубовта кон техничките науки, другите двајца тргнаа по стапките на својата мајка лекар и денес се кардиолог и хирург во Клиничка болница Штип.

За жал Благој Петров не напушти многу млад и зад себе остави две ќерки кои не го продолжија неговиот пат и работа во радиото. Денес голем број на граѓани кои го познавале со задоволство се сеќаваат на него и зборуваат за неговата големина како човек, способност и талент и љубов кон техниката. Од постарите штипјани би слушнале дека неговиот живот е тесно поврзан со оваа радиостаница, алудирајќи на неговата способност, трудољубивост и упорност.

За својата работа Благој Петров е добитник на голем број признанија и награди меѓу кои сите можни признанија на Народна техника,

  • Златна плакета Борис Кидрич ,
  • 8-мо Ноемвриска награда од градот Штип
  • Орден на труд со сребрена ѕвезда, врачен лично од Јосип Броз Тито
  • Медал за заслуги за народот

И многу други признанија кои во тоа време биле доделувани на најзаслужните и истакнати граѓани на Југославија.

Во едно интервју Петров одговара “Сите признанија ми се драги, но најдрага ми е почитта на луѓето на кои сум им ги пренел моите знаења и љубов кон радиотехниката”.