
Генералка викенд акција денеска по четврти пат се спроведе и во Штип. На неколку локации како во централното градско подрачје, така и во останатите населени места се собираше смет. Вклучени беа административните работници од општината, екипи од јавните претпријатија како и од урбаните заедници, со цел да се исчистат населените места.
„Целта е да се подигне јавната свет, да се влијае за зачувување на животната средина. Вклучени се административците, преставници од урбаните заедници, јавните претпријатие во неколку населби. Колку повеќе ѓубре се собере толку повеќе садници ќе бидат обезбедени за Штип“ – вели Јорданов.
Во оваа прилика Јорданов посочи дека треба да се работи на јавната свест кај сите граѓани со цел да се зачува чиста животната средина. Во акцијата беа вклучени и учениците од основните и средни училишта во Штип, а се чистеше и во текот на вчерашниот ден.
„Секогаш мораме заедно со училиштата, да влијаеме и кај помладата популација, но и кај секој еден поединец да се однесува одговорно“ – додава Јорданов.
На секои 10 килограми собран отпад од „Генералка викенд“ се посветува по едно дрво од годишните планови за пошумување. Во изминативе четири години беа собрани еден милион килограми отпад за време на „Генералка викенд“.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет