Гаши на средба со претставници на Фондацијата „Конрад Аденауер“, потврдена заложбата за продлабочување на соработката

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денес оствари средба со претставници на Фондацијата Конрад Аденауер (КАС), на која присуствуваа Флориан Фајерабенд – раководител за меѓународна соработка; Даниел Браун, официјален претставник на КАС и Давор Пасоски – програмски директор на КАС во Скопје. Оваа средба беше проштална средба на г. Браун, кој по 6 години програмски директор, заминува на друга позиција во КАС.

Претседателот Гаши го честиташе 150 јубилеј на КАС и изрази благодарност за личниот ангажман, посветеноста и придонесот на Браун во развивањето на партнерството со Собранието, истакнувајќи дека, иако ова е последна средба во рамките на неговиот актуелен мандат, тој и во иднина е добредојден во Собранието.

На средбата беа разменети мислења за досегашната успешна соработка, која се темели на заедничките заложби за демократија, владеење на правото и европски вредности. Посебно беше нагласена улогата на Фондацијата во поддршката на демократските процеси, парламентарниот дијалог и јакнењето на институционалните капацитети, како и значењето на германските и европските искуства за унапредување на демократската култура и приближување кон европските стандарди.

Соговорниците разговараа за европската интеграција и реформските процеси, јакнењето на парламентарната демократија, транспарентноста и конструктивниот политички дијалог. Гаши ја потврди подготвеноста за продлабочување на соработката со Фондацијата преку заеднички активности, политичко образование, тркалезни маси, дебати и размена на добри практики. И изрази уверување дека досега изграденото партнерство ќе продолжи и во иднина, независно од промените во персоналниот состав на Фондацијата, во интерес на демократскиот развој и европската интеграција на државата.

Претседателот Гаши му посака успех на Браун во неговите идни професионални ангажмани, изразувајќи очекување дека тој и понатаму ќе остане поддржувач на Северна Македонија и на нејзините европски аспирации.

Текстот Гаши на средба со претставници на Фондацијата „Конрад Аденауер“, потврдена заложбата за продлабочување на соработката е превземен од МАКФАКС.