
Втората македонска фудбалска лига ќе продолжи без прилепска Победа, откако клубот поради финансиски проблеми не може да продолже со натпреварување. Најфудбалскиот град во Македонија останува без фудбал, а Градскиот стадион во Прилеп останува празен, без фудбал, без навивачи и без верните „мајмуни“. Македонскиот фудбал останува без брендот Победа.
Клубот во текот на вчерашниот ден потврди преку соопштение дека поради очајната финансиска ситуација нема да може да продолжи со натпреварување, а тоа ќе значи дека во секое коло ќе има по една слободна екипа.
Победа презимуваше во зоната за директно испаѓање во Трета лига како 13-то пласирана со 11 бодови и во пролетниот дел ќе ја очекуваше тешка борба за опстанок кој најреално можеше да се избори само преку бараж.
Последна сезона во која Победа беше на високо ниво, кога доминираше практично беше во сезона 2021/2022 кога стана шампион во Втора лига – Исток и обезбеди влез во Прва лига. Но како прволигаш имаше епизодна улига и веднаш испадна од елитата.
Две сезони подоцна односно во 2023/2024 се најавуваа амбиции за експресно враќање во Прва лига, но наместо тоа се случи клубот да избори опстанок во второлигашкото друштво преку бараж натпревар совладувајќи го третолигашот Куманово на стадионот во Ѓорче, натпревар кој го следевте во живо на М Нет телевизија.
Минатата сезона Победа избори опстанок во Втора лига, но годинава, наместо подобрување, клубот во пролетниот дел воопшто и нема да продолжи.
Дали и како ќе се враќа победа е прашање на кое ќе треба многу одговори, решавање на големите финансиски проблеми, реорганизација и многу други работи за клубот и да исплива на површина.
Со тоа што Победа нема да продолжи со натпреварување значи дека прилепскиот второлигаш ќе биде преселен во најнизок ранг на натпреварување односно Општинската фудбалска лига во Припеп. Сепак, за да и официјално биде потврдено дека Победа нема да продолжи со натпреварување во пролетниот дел ќе треба клубот да ја извести ФФМ, со цел и официјално да биде потврдено неиграњето на Победа.
До тогаш, се уште кај прилепчани, кај навивачите, кај сите љубители на фудбалот живее надеж дека сепак може да се изнајде начин и Победа да продолжи со натпреварување.
Александар Ванев, М-Нет