Втора еколошка акција во општина Штип, денеска се чистеше населбата Осми ноември

Пролетна генералка денеска се организираше во штипската населба Осми ноември. Жителите на населбата, вработени во двете јавни претпријатија „Исар“ и „Стипион“, општинска администрација и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, ги чистеа дивите депонии низ населбата. Јорданов вели дека ова е втора акција на Општината со цел почиста животна средина.

„Ова е втора еколошка акција и овде сме да ги расчистиме сите наноси на ѓубре и смет на зелените површини во самата населба, а сѐ со цел да ја подигнеме јавната свест и да ја зачуваме животната средина. Во наредниот период ќе продолжиме и во другите населби на територија на општина Штип“, вели Јорданов.

Јорданов посочи дека во ваквите активности е важна и вклученоста на граѓаните, поради што повика да им се придружат во расчистувањето, но и да ја чуваат животната средина и да не ја загадуваат.

„Најважно од се е што граѓаните се вклучуваат во овие активности и заеднички да влијаеме на свеста и за почиста животна средина, вели Јорданов“, додаде Јорданов.

Еколошките акции низ населбите во Штип почнаа минатата недела, а прва се чистеше населбата Автокоманда.

Ребека Спасова М-Нет