
Десетина вработени во детската градинка „Вера Циривири – Трена“ во Штип реагираат за намалените плати. Според нив, директорката Софка Атанасова го заборавила фактот дека штрајкот е уставно право, па сега по насока на МТСП ги намалува платите на вработените кои штрајкувале.
„Казнети на плата 48 работнички од штипската градинка „Вера Циривири – Трена“. Под насоки од МТСП директорката на градинката казни 48 вработени со тоа што им ги скрати платите. Понижени воспитувачи, негуватели, стручни соработници, технички персонал се резултат т.е. одмазда за штрајкот. Во текот на вчерашниот ден директорката донесе одлука со која на 48 вработени им ја крати платата. Очигледно е дека работи под инструкции на МТСП, а повеќе од јасно е дека на штрајкот доби силна политичка димензија со уцени и мобинг врз вработените“, вели Анкица Лазарева, негувателка во детската градинка.
Освен сега намалените плати, тие велат дека постојано се изложени на мобинг и малтеритрања од Атанасова, за што досега не излегле да зборуваат во јавноста.
„Има решение за хигиеничар, а работи како кувар. Сите во кујната работат како технички персонал. Каде е министерката да го провери тоа? Да се види кој со какво решение каде работи. Техничкиот персонал е во кујна, а ние чистиме и ја работиме работата на хигиенчарите“, вели Милена Бошкова, негувателка.
Во текот на денешниот ден на информацијата во врска со намалените плати директорката Атанасова рече дека е шпекулација и дека тие сѐ уште ги немаат направено пресметките на платите за вработените и чекаат насоки од Министерството. Меѓутоа, вработените велат дека одлуката веќе е истакната на огласната табла.
„Тие ги имаме веќе истакнато на огласна табла во градинката и ќе ви ги пратиме по мејл“, додава Лазарева.
Казната на плата, велат вработените, е неправедна, бидејќи договорот кој го потпишале СОНК и Владата гарантирал исплата на целосните плати на сите вработени кои штрајкувале. Како што велат, колку директорката може да донесува одлуки без Управен одбор треба да се види по судски пат, а засега единствена правна помош добиле од ЛО Левица Штип.
Ребека Спасова М-Нет