
Дали поранешниот директор на ЈП „Исар“, Трајче Здравков, сѐ уште е вработен во Јавното претпријатие или, пак, во Општина Штип, праша координаторката Маријана Рогожарска-Поповска од советничката говорница. Прашањето го постави трипати и бараше да се внесе во записник, но на седницата на Советот одговор на истото не доби.
„И да не заборавиме, сѐ уште ѝ должите на штипската јавност одговор на прашањето – Дали поранешниот директор на ЈП „Исар“, Трајче Здравков, сѐ уште е вработен во Јавното претпријатие или, пак, во Општина Штип? Повторувам и барам дословно да се внесе во Записник – Дали поранешниот директор на ЈП „Исар“, Трајче Здравков, сѐ уште е вработен во Јавното претпријатие или, пак, во Општина Штип? Дали тој се плаќа од касата на „Исар“ и на тој начин е дел од нерационалното трошење на ДПМНЕ? Признајте ја вашата вина, некадарност и незнаење и помогнете им на штипјани, ослободете се од своите теснопартиски потреби“, праша Маријана Рогожарска-Поповска.
Градоначалникот, Иван Јорданов, кој во моментот на поставувањето на прашањето не беше присутен на седницата на Советот, по завршувањето на истата, во телефонски разговор одговори дека Трајче Здравков е вработен во ЈП „Исар“, но со овластување и преземање извршува работни задачи во Општина Штип, бидејќи Јавното претпријатие е под надлежност на Општината и постои можност за такво нешто.
Здравков беше првиот директор на ЈП „Исар“ по победата на Иван Јорданов и ВМРО-ДПМНЕ на Локалните избори во 2021 година. На таа позиција се задржа нешто повеќе од една година, по што беше назначен за шеф на Кабинетот на Градоначалникот на Општина Штип, функција на која е и денес.
Ребека Спасова М-Нет