
Мнозинството советници на штипскиот Совет изгласа ребаланс на Буџетот, со кој промени имаше во повеќето програми. Најзабележително, капиталните расходи се намалија за 5.000.000 денари. За опозициската советничка група, ова е доволен приказ за тоа колку некој има намера да го развива градот.
„Во програмата капитални расходи на програмата имаме намалување на планираните расходи и истите се менуваат од 9.000.000 денари на износ од 3.900.000 денари“, посочи известителката од секторот за финансии.
„За жал, повторно овде се капиталните расходи, од 9 милиони на 3, само оваа ставка оди до толку драстично намалување. Ова само зборува дали некој има намера да го развива градот или не“, посочи Рогожарска-Поповска.
До крајот на годината штипјани ќе бидат сведоци на рекордно зголемување на капиталните инвестиции, се спротистави Јорданов. Посочи на булеварот „Партизанска“, катните гаражи, конзолите на река Отиња, за кои рече дека некои се веќе почнати, а други ќе бидат започнати, бидејќи се планирани во ребалансот.
„Погледнете ги другите ставки коишто се однесуваа за одржување на локални патишта, излезете пред јавноста и кажете со колкав износ се зголемени капиталните инвестиции кои ќе се случуваат во општина Штип, но очигледно погодобро ви е да манипулирате и да презентирате лажна слика. На крајот од годината, кога ќе заврши реализацијата на овој Буџет, граѓаните ќе може да сведочат на реализирани капитални проекти кои се предвидени со овој ребаланс, а се однесуваат на булевар „Партизанска“, на конзолите на река Отиња, катните гаражи, локални улици, на сите капитални инвестиции коишто или се започнати или ќе бидат започнати, а се планирани и предвидени со овој ребаланс“, истакна Јорданов.
Јорданов посочи дека повикувањето само на една ставка е манипулација, ако не се земат предвид вкупните ставки за директни капитални расходи.
Ребека Спасова М-Нет