Водата за пиење во Штип е безбедна, анализите покажаа дека ги исполнува стандардите

Водата за пиење од водоводната мрежа во Штип е безбедна и ги исполнува пропишаните стандарди за квалитет, покажуваат најновите испитувања на ЈЗУ Центар за јавно здравје – Штип.
На 1 септември 2026 година биле земени примероци на вода од повеќе локации – Клиничката болница, село Чардаклија, населбата Македонка, населбата Железничка и село Караорман.


Врз основа на извршените основни микробиолошки и физичко-хемиски испитувања, констатирано е дека испитаните примероци на вода одговараат на барањата за безбедност и квалитет на водата за пиење.
Од Центарот за јавно здравје – Штип информираат дека резултатите се согласно Правилникот за барањата за безбедност и квалитет на водата за пиење, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 183/2018, Прилог 1 и Прилог 4.
Со тоа, најновите анализи потврдуваат дека водата од испитаните точки на водоводната мрежа во Штип ги исполнува законски утврдените критериуми за безбедност и квалитет.