
Со марш низ централното градско подрачје, учениците од основните училишта го одбележаа Светскиот ден за сеќавање на жртвите во сообраќајни несреќи. Носејќи транспаренти ја пренесоа пораката за поголема безбедност во сообраќајот и почитување на правилата. Настанот е во организација на Библиотеката „Гоце Делчев“, од каде велат дека целта е да се подигне свеста, пред сѐ кај најмалите, а потоа и кај останатите учесници во сообраќајот.
„Библиотеката веќе четврта година го организира овој настан како Светски ден за сеќавање на жртвите во сообраќајни несреќи. Ние и покрај тоа што се сметаме за установа на мудрост, имаме активно учество во општествената заедница во насока на подобрување, односно променување на одредени работи на подобро. И токму по тој повод, денеска овде со учениците ќе почнеме да ја менуваме свеста, да ги разбудиме одговорните сообраќајни навики кај децата, кои понатаму ќе бидат и како водачи учесници во сообраќајот, а сега како пешаци“, истакна библиотекарката, Соња Манева.

По завршувањето на маршот, некои од учениците на минувачите им поделија информативни летоци. Активноста беше координирана од страна на полициски службеници од СВР Штип, кои се вклучија во одбележувањето на Светскиот ден.
„Отсекот за превенција при СВР Штип денес си приклучува во одбележувањето на Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајните незгоди. Со ова сакаме да упатиме порака до сите институции и секој поединец да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи максимално и одговорно со што би се зголемила вкупната безбедност во сообраќајот“, истакна Баже Милев, Самостоен испектор при Отсекот за превенција на СВР Штип.
Во рамки на одбележувањето во Библиотеката имаше и културно – уметничка програма со литературно читање, изложување ликовни дела, како и перформанс од хорот при Гимназијата „Славчо Стојменски“.
Ребека Спасова М-Нет