Во ходници и спортски сали се полага мајчин јазик, во Штип полагаат 475 матуранти

Во ходници и спортски сали матурантите денеска полагаат македонски јазик и литература. Со тест по мајчин јазик, вкупно 14.834 ученици го започнаа полагањето на државната матура во учебната 2023-2024 година. На територија на Општина Штип полагаат 475 матуранти. Тестот започна навремено утринава и трае четири часа. Во средното медицинско училиште Јане Сандански полагаат 207 ученика.

„Денес учениците полагаат македонски јазик и литература. Во нашето училиште се пријавени 207 кандидати. Испитот започна навремено, полагањето се одвива во ходниците и во спортската сала. На учениците им се земени мобилните телефони“ – вели Николиќ.

Согласно Концепцијата за матура и завршен испит, учениците и годинава полагаат 2 екстерни предмети, 2 интерни предмети и подготвуваат проектна задача. Задолжителен за сите е мајчиниот јазик и тој се полага денес, додека следниот испит ќе биде на 8 јуни. Во процесот, годинава вклучени се 2.000 наставници како тестатори и околу 250 набљудувачи од државните институции.

На територија на Штип во гимназијата Славчо Стојменски, државна матура полагаат 144 ученика, а три училишна матура. Во СОУ „Коле Нехтенин“ државна матура полагаат 118 ученика, а во СОУ „Димитар Мирасчиев“ државна матура ќе полагаат 6, а завршен испит 16 матуранти.

Лаура Стојанова М-Нет