
Во тек е пријавувањето за учество и настап во сениорска конкуренција во Втората женска фудбалска лига.
Фудбалската федерација на Македонија го отвори пријавувањето на нови екипи за натпреварувачката сезона 2024/2025, а истото е отворено до 25. август.
Согласно пропозициите Втората лига се пополнува со екипата која ќе биде последна во Прва лига и директно ќе испадне во Втора лига, како и со поразената екипа од баражот, со екипите рангирани од трето место подолу на конечната табела, како и со новопријавени екипи согласно одлуката на Комисијата за женски фудбал и критериуми за прием.
Согласно тоа во тек е пријавувањето на нови екипи во Втората женска фудбалска лига. Како што веќе информираше телевизија М Нет засега новопријавени екипа е ЖФК Слободен од Скопје, а интерес има уште од неколку екипи, а во следниот период и официјално ќе биде познато кои екипи ќе настапуваат во новата сезона 2024/2025.
Во однос на ланската сезона остануваат екипите на Вардар откако не успеа да го помине баражот, Кочани, радовишка Плачковица, Борец, Билјанини Извори од Охрид, Порече од Македонска Брод, Победа Валандово, екипата на Деспина која испадна од Првата лига, како и новопријавените екипи.
Првопласираната екипа во Втората лига директно обезбедува место во Првата лига, а минатата сезона тоа беше Атлетико, додека пак второпласираната екипа во Втора лига игра бараж со екипата која ќе биде деветта во Првата лига, а минатата сезона бараж играа Топ Гол и Вардар, во меч каде Топ Гол беше убедлив и со тоа го избори опстанокот во Прва лига.
Александар Ванев, М-Нет