
Решавањето на проблемот со пожарникари во Кочани ќе биде приоритет, кажа денеска од Штип премиерот Христијан Мицкоски. Вели дека се изготвува новиот закон за пожарникарска служба, со што ќе се работи на зголемување на бројот на вработени. Конкретно во Кочани, повеќе од три години се работи со двојно помалку пожарникари од потребното. Соглано бројот на население треба да има најмалку 33 пожарникари, а вработени се само 16.
„Се решаваат тие проблеми, вработувањето во пожарникарските служби е еден од проблемите кои директно ги погодува Локалните самоуправи. Се изготвува новиот закон за пожарникарска служба и веднаш по изготвувањето на тој закон ќе бидат зајакнати капацитетите на пожарникарската слжба на секаде, со приоритет на Кочани.“ – вели Мицкоски.
Мицкоски посочи и дека нема дилема кога е во прашање изборот на в.д. градоначалник на Општина Кочани,. Оставката на претходниот градоначалник Љупчо Папазов помина на седница на Влада вчера, а по објава во службен весник, советниицте треба да изберат во рок од 30 дена. Кочани е без градоначалник дваесетина дена, откако Папазов си даде неотповиклива оставка, по трагедијата во дискотеката. Изборот на в.д. градоначалник е со иста постапка како и избор на претседател на Совет – со мнозинство гласови од вкупниот број членови во Советот.
„Апсолутно дека ќе се избере в.д. градоначалник и тука немам никаква дилема, не сме разговарале со советниците кој би можело да биде.“ – додава Мицкоски.
Во меѓувреме Мицкоски истакна дека ќе прифати и средба со Филипче, со цел да се реши целосно ситуацијата со трагедијата во Кочани.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет