Во Карбинци се засадија зимзелени садници за одбележување на Денот на пролетта

Неколку десетици садници денеска се засадија во општина Карбинци, покрај регионалниот пат во с. Таринци. Активноста е во насока на одбележување на Денот на пролетта и зачувување на животната средина, а покрај овој простор се пошумуваше и во кругот на општинската зграда. Според градоначалникот, Виктор Паунов, зимзелените садници се обезбедени од општествено-одговорни компании.

„Во овој момент засадуваме стотина зимзелени дрвца, коишто ги обезбедивме со повеќето фирми коишто се на територија на општина Карбинци, значи донирани се од самите фирми. Ова е еден убав нивен потег, ние се заложивме да ги посадиме покрај регионалниот пат кај селото Таринци, а дел и во други населени места, така што на овој начин и со неколку други активности денес во рамките на општина Карбинци, како што се неколку еколошки акции, го одбележуваме овој ден, нормално, со мотивација и понатаму да продолжиме да ги уредуваме површините на територија на општина Карбинци за да имаме еден поубав лик на самите населени места“, истакна Паунов.

Ова не е прва ваква активност, ниту ќе биде последна, посочува Паунов. Неколку од садниците веќе се засадени како во Таринци, така и во Долни Балван, Карбинци и другите населени места, а ќе следи и зачестување на ваквите активности со доаѓањето на пролетта.

„Имаме обезбедено и други садници коишто ќе ги засадиме и ќе пошумуваме и други територии во Карбинци, така што ќе продолжиме мотивирано и понатаму да работиме кон зачувување на животната средина и дополнително уредување на урбаните места“, додаде Паунов.

Општинската администрација од Општина Карбинци активноста за одбележување на Денот на пролетта ја реализираше во соработка со вработените во ЈП „Плачковица“.

Ребека Спасова М-Нет