
Во сабота се играат натпреварите од 20. коло на Втората македонска фудбалска лига, а на М Нет телевизија ќе можете да го следите во живо натпреварот меѓу Брегалница и Каменица Саса со почеток од 14:30 часот.
„Сините“ ќе ја имаат фаворитската улога на Градскиот стадион во Штип и само победа е опција, се друго ќе биде изненадување, а „рударите“ од Македонска Каменица доаѓаат во Штип со цел да останат непоразени.
Двете екипи имаат сосема различна цел. Брегалница е на три бодови од лидерот Охрид и води борба за влез во Првата лига, а пак Каменица Саса која е на десеттото место со 24 бодови се наоѓа во бараж зоната и извесно е дека „рударите“ опстанокот во второлигашкото друштво ќе го бараат преку бараж.
По поразот во Гевгелија од Кожуф екипата на Брегалница влезе во серија на позитивни резултат откако ги доби Вардар Неготино и Новаци, а одигра без погодоци против Тетекс во Тетово.
Во иста форма е и тимот од Македонска Каменица кој по поразот од Осогово забележа два триумфа над Победа и Вардар Неготино, а ремизираше со Кожуф.
Преносот на М Нет телевизија од мечот меѓу Брегланица и Каменица Саса кој се игра во сабота, започнува во 14:30 часот.
Александар Ванев, М-Нет