ВМРО ДПМНЕ: По што ќе се паметат СДСМ? СДСМ: По капиталните проекти

По што штипјани ќе го паметат мандатот на Благој Бочварски и Сашко Николов? На оваа тема беше денешната прес – конференција на ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип. Од таму велат дека за граѓаните капитални инвестиции нема, а за семејствата на штипско тло – две нови згради.

„Дали знаете по што тоа за овие четири години штипјани ќе ги паметат Бочварски и Николов? По тоа што Штип не доби ниту една капитални инвестиција. По тоа што од инфраструктура се изградија две приватни згради во централното градско подрачје. По тоа што не се направи ниту една нова улица, но се прошири само таа којашто е насочена кон зградите на семејството Бочварски. И по тоа што единственото со коешто ќе се фалат е ова место на коешто изникнаа две згради на едно познато штипско семејство.“ – зборуваа од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип.

Во реакцијата од ОО на СДСМ Штип, пак, долг список проекти, според нив, капитални инвестиции кои не биле направени со децении.

„Не знаеме дали ВМРО-ДПМНЕ за оваа прес конференција се вклучиле од некој паралелен универзум или едноставно не излегле од сопствените партиски простории, но денешните тврдења едноставно немаат никаква врска со реалноста во која живееме.

Во последните години во Штип се направени капитални проекти кои не биле правени со децении претходно:

• Од темел е изградена нова детска градинка;

• Направен е целосно нов мост;

• Направени се две платформи за паркинг;

• Изграден е нов кружен тек кај населба Пребег и во населба Сењак;

• Чиста вода за пиење за населбите Балканска и Чардаклија,

• Баскет игралишта во К’р Теќе, населба Леваци и во гимназискиот двор;

• Изградени нови трибини на градскиот стадион;

• Четири милиони евра се инвестирани во основните и средни училишта;

• Реконструирани се над деведесет улици и патишта;

• Изградени се десетици нови улици;

• Над 4 километри водоводна и канализациона мрежа;

• Почната е изградбата на брана на река Отиња – повеќедецениски сон на штипјани.

Ова се само дел од многуте проекти кои се реализирани во последните години.

Безидејниста и стравот од сѐ поизвесниот пораз кој ВМРО-ДПМНЕ ќе го доживеат не можат да го замаскираат со вакви очајни јавни настапи.“ – додаваат од СДСМ.

Ребека Спасова МНет