
ВМРО – ДПМНЕ вчеравечер на ветената средба со просветните работници од Штип. Во општинската сала, потпретседателката на партијата, Гордана Димитриеска – Кочоска, на трибината разговараше со работниците и ги слушна нивните потреби и барања. Според неа, нивните барања се реални и заслужуваат повисоки плати.
„Станува збор за луѓе коишто во животот постојано се надоградувале, учеле и се дообразувале. Тоа се тие исти луѓе коишто треба да ги образуваат нашите деца и коишто заслужуваат да добијат повисоки плати. Да не заборавиме дека пред еден месец ВМРО – ДПМНЕ преку пратеничката група во Парламентот достави и предлог – закон за коригирање, односно зголемување на платите врз основа на коефициентот на сложеност на работните места. За жал, власта во тој период законот не го усвои. Еве, веќе втор ден ги гледате како протестираат. ВМРО – ДПМНЕ го поддржува тој протест и сметаме дека треба да останат истрајни во своите барања, реални се нивните барања. Ако земеме предвид дека во континуитет гледаме ситуации на корупција, ако гледаме дека еден милион евра се потрошени на фиктивни „физибилити студии“, тогаш многу повеќе од јасно е дека во буџетот има пари да се поддржат и просветните работници, бидејќи треба да имаат мотив за да може да работат со нашите деца“, истакна Димитриеска – Кочоска.
Информациите на партијата покажуваат дека во однос на притисоците ситуацијата е различна во сите училишта, но штрајкот може да се оцени како успешен.
„Има различни ситуации од место до место. Значи, има некои места каде што има притисоци, но во најголем дел, од она што јас го добивам како информација, ситуацијата е таква што штрајкот им е успешен и верувам дека до крајот ќе остане така“ додава потпретседателката.
Според Димитриеска – Кочоска, просветните работници не бараат нешто што е надвор од она што значи „пари за нормален живот“. Со оглед на сè повисоките трошоци и поскапувањата, покачувањето на платите само ќе им обезбеди ист живот каков што имале и претходно.
Ребека Спасова М-Нет