Фестивалот „Весело штурче“ по дваесетина години повторно на штипската музичка сцена

Фестивалот на песни за деца „Весело штурче“ по дваесетина години годинава ќе светне на штипската музичка сцена. Целта е децата да се едуцираат за музичката култура и да ја искусат работата во студио и на сцена, со што столбот ќе се зацврти од мали нозе. Дополнително, фестивалот се очекува да придонесе за задоволување на потребата за нова музика и нови автори. Во моментов актуелни се два конкурса, кои се за учесници и автори, а кои ќе важат до 1 јуни.

„Пред два дена, на 11 април се распишаа два конкурса. Првиот конкурс е конкурс за учесници од 6 до 12 години, каде што пријавувањето се врши на официјалната веб-страна veselosturce.mk. На страницата има пријава за учесници и таму се пишува име и презиме, телефонски број, возраст на детето и сите тие пријави ќе стигнат до нас. Тој конкурс важи до 1 јуни 2022 година, по што ќе бидат известени за место и време за аудиција. Сите кандидати мора да поминат на аудиција за да ги одбереме вистинските таленти коишто ќе настапат на „Весело штурче““, истакна Филип Стевановски, директор на Фестивалот.

Авторите и учесниците не мора да се од Штип, а уметничкиот совет и организациониот одбор кои ќе ги спроведат аудициите ќе патуваат низ градовите од кои има пријавени. Предност ќе се даде и на нови автори на музика и текст, кои може да се пријавуваат на вториот конкурс.

„Вториот конкурс е конкурсот на автори кои исто така се пријавуваат на официјалната веб-страна, каде што има име и презиме на автор, наслов на композиција и се наведува дали тој автор е автор на текст, на музика или на целосна композиција. Има поле за прикачување на текст, што значи дека авторите се должни да достават читко напишан текст, нотен запис со акорди, мелодиска линија и демо снимка. За сето тоа има можност да се прикачи на веб-страната. Тој конкурс исто така важи до 1 јуни“, додава Стевановски.

Фестивалот ќе биде од ревијален карактер, а ќе се реализира во втората половина на септември. Како организатор на фестивалот се јавува Здружението за култура, уметност и наука, кое поддршка има и од Стојан Тоицки, долгогодишниот директор и основач на „Макфест“.

„Како луѓе коишто стојат позади мене, како директор, се луѓето коишто се професионалци во својата работа. Ирена Крстевска Стевановска е дел од организацијата на овој фестивал. Во Уметничкиот совет за одлучување на најмладите учесници и авторите на музика се Горан Кавраков и Славчо Величков.“

Фестивалот за деца „Весело штурче“ долги години се одржуваше во рамки на штипски „Макфест“, а последното издание беше пред околу дваесетина години.

Ребека Спасова М-Нет