ВМРО ДПМНЕ: Вработените во Баргала мора да бидат исплатени!

Случајот Баргала повторно тема за прес конференција на ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип. По вчерашната одлука на судијата дека нема стечај за некогаш најголемата фабрика за чевли во Штип, од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип, прашуваат дали законите важат еднакво за сите во државата или власта е повластена.

„Не стивнува домино ефектот од Баргала. Дали токму фамилираните релации меѓу градоначалникот и дел од акционерите на Баргала се адут, судските органи да не ги штитат интересите на вработените? Дали во тек на стечајна постапка е направено сомнително вештачење, кое не ја изнесе реалната состојба на виделина? Дали се точни шпекулациите дека сметката на Баргала е блокирана повеќе од 700 денови, кое е добар основ за покренување на постапка по член 5 од Законот за стечај? Дали следствено на кажаното законите важат еднакво за сите во државата или криминалната власт е повластена, а останатите се должни да плаќаат високи казни и незаштитени да бидат отпуштени од работа?“ – прашуваат од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип.

Вработените на Баргала мораат да бидат исплатени и обесштетени. Тоа е приоритетна работа на судската власт, која треба во најитна процедура да ја оконча судбината на оштетените работници – додадоа од Ок на ВМРО ДПМНЕ Штип.

Лаура Стојанова М-Нет