
Од денеска целосно е затворен за сообраќајот на делницата помеѓу клучките Штип – Запад до Штип – Југ. Со ова сите возила ќе транзитираат низ град Штип. Од ОК на Вмро ДПМНЕ Штип истакнуваат дека од денеска Штип го демне огромна опасност.
„Низ градот ќе поминуваат возила над 10 тони, истите ќе транзитираат низ центарот на градот, ќе создаваат ризик за уништување на културнот наследство, па дури од септември ќе бидат опасност и за децата кои ќе одат на училиште. Поради градежните активности на експресниот пат Штип – Радовиш, нашиот град ќе „заработи“ уништување на и така лошиот асфалт. Наместо „решавање на сообраќајниот хаос“, изрека која ја користеше Бочварски, сега истиот тој ќе прави ужасен шпиц, кој и сега постои кога граѓаните си одат од работа. Значи, во наредните неколку месеци штипјани ги очекува сообраќаен кошмар“, велат од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип.
Од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип истакнаа дека требало да се изнајде соодветно решение со цел да не бидат загрозени граѓаните на градот под Исарот.
„Да размислуваа во интерес на граѓаните, требаше најпрво да најдат соодетно решение за движење на сите возила кои нема да влегуваат во градското подрачје. А тоа е, да помогнеме, со фазно извршување на градежните активности, каде што возилата би се движеле во една коловозна лента од постоечкиот експресен пат. Но, штипскиот Министер, очигледно поддржано од штипскиот Градоначалник, го креираше најлошото можно решение! Нивната негрижа за наследството, за децата, за болните кои Брзата помош ги внесува и изнесува од градот токму преку оваа делница, се ставени во втор план“, додадоа од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип.
Од СДСМ велат дека во опозициската ВМРО-ДПМНЕ се до толку без компас во нивните јавни настапи, што денес пофалија еден од проектите на Владата предводена од СДСМ.
„Првата фаза од експресниот пат Штип – Радовиш е веќе завршена, тој пат веќе го користат граѓаните на Штип и на истокот, и тоа на нивно големо задоволство. Со соодветна механизација и работа, мошне брзо ќе биде комплетирана и втората фаза од овој експресен пат.
Од ВМРО-ДПМНЕ можат да се обидуваат, но нема да успеат да направат негативен спин за изградбата на патишта кои поврзуваат и го олеснуваат секојдневието на сите. Измената на овој сообраќаен режим е најавена уште при изградбата на првата фаза на овој експресен пат, со што апелираме повторно до граѓаните да бидат одговорни и трпеливи со една заедничка цел – нов и модерен експресен пат кој е од интерес на сите граѓани“ истакнаа од СДСМ.
Изградбата на патот претставува модернизација на патната инфраструктура во источниот дел на државата и е од огромно значење и за економскиот развој на овој регион. Во ВМРО-ДПМНЕ треба да научат дека со врекање во јавност без суштинска порака го донесуваат своето постоење до апсурд. Но, нека продолжат и нека повелат и утре со нови јавни настапи во кои ја фалат работата на СДСМ“, додадоа од владејачката партија.
Лаура Стојанова МНет