
„Бараме животите на младите да не завршуваат во црни статистики“ – со транспаренти, солзи во очите и фотографии од починатите деца, семејствата повторно побараа правда и одговорност за трагедијата која се случи на 16 март во Кочани. Бараат праведна, вистинска и целосна разрешница за пожарот во дискотеката во кој загинаа 62 лица.
„Оваа трагедија не е само црна хроника во вестите, не е статистичка бројка, тоа се 62 згаснати животи, 62 семејства во црнина. Нашите најмили повеќе не се со нас и никогаш нема да се вратат. Болката која ја носиме не се мери со време, таа е незаменлива, длабока и вечна. Ние смејствата на загинатите не бараме од државата сочувство и празни зборови, туку бараме да обезбеди вистинска, целосна и праведна разрешница. Секој што носи одговорност без разлика на функцијата, позицијата или моќта мора да биде изведен пред лицето на правдата, затоа што човековиот живот нема цена.“ – вели една од мајките.
Семејствата на загинатите секоја сабота маршираат по кочанските улици, како што велат барајќи правда за нивните починати деца.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет