
Екипата на Шкендија од Арачиново не мирува на трансфер пазарот и промовира играчи со прволигашко искуство со цел лесно да се прошета низ Трета лига – Север и да го обезбеди баражот за влез во Втората македонска фудбалска лига.
По многуте засилувања од Прва и Втора лига изминатиот период, како што пишува „Опен ТВ“ вистинска трансфер „бомба“ во Арачиново ќе биде Дарио Десниќ кој го облекува дресот на Шкендија, а доаѓа од директниот ривал Куманово, екипа која лани беше шампион, но го загуби баражот за Втора лига од прилепска Победа, која остана во Втората лига, натпревар кој заврши со 2:1 за прилепчани, а истиот можевте да го следите во живо на телевизија М Нет.
30-годишниот Десниќ кој лани настапуваше за Куманово, во својата кариера има игра за најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар, Скопје, Силекс, Борец, Кадино и Тетекс од Тетово.
Претходно, како што веќе објави телевизија М Нет екипата на Шкендија од Арачиново се засили со Бетим Исени, Блерим Мустафа, искусниот голман Бурхан Мустафа кој пристигна од прволигашот Воска Спорт заедно во пакет со искусниот Љупче Трпески, кој исто така доаѓа од охридска Воска Спорт, Христијан Димов, Бујар Илази, Фатмир Арифи, Емре Рамадани, Јусуф Алиу од второлигашот Детонит Плачковица и Борјан Тодоровски, а беше продолжена соработката со некои од играчи од минатата сезона.
Во следниот период во Шкендија Арачиново ќе се промовираат и нови играчи, а со тоа дефинитивно Шкендија Арачиново ќе биде прв фаворит за освојување на првото место и баражот за Втора лига.
Александар Ванев, М-Нет