Викендов се реализира „Ја сакам Плачковица“ – програма со многу спорт и музика за сечиј вкус

„Ја сакам Плачковица“ е настанот кој викендов ќе ги собере љубителите на спортот и добрата музика на планината Плачковица. Почнувајќи од утре, 8 јули, па се до недела, 10 јули, посетителите ќе може да присуствуваат на еден од концертите, но и да учествуваат во велосипедска тура, детска трука, спелеолошка акција, искачување на вештачка карпа и слично. Организаторите нуда богата тридневна програма.

„Донесовме големи бендови кои ќе направат добра забава. Тридена ќе трае фестивалот. В петок ќе настапат „Хот лајн“, в сабота „Некст тајм“, „Кентаур“ ќе биде како предгрупа и в недела ќе настапи „Зарина Првасевда“ со својот бенд“, вели еден од организаторите на „Ја сакам Плачковица“.

Велосипедската тура е закажана за в недела, со почеток од 09 часот, а ќе се спроведе до планинарскиот дом Вртешка, до планинарскиот дом Џумаја Радовиш и повторно назад до Вртешка.

Патеката за трката „Плачковица трејл“ е со должина од 18 километри со 750 метри искачување и за истата има пријавено околу 50 учесници од цела држава. Детската трка, пак, ќе биде од ревијален карактер и ќе започне кај старото детско одморалиште, а активноста со качување е погодна и за помалку подготвени планинари.

Ова е 17. издание на овој настан, а е во организација на ДПС „Лисец“, Општина Карбинци и Општина Штип и се реализира во рамки на Штипско културно лето 2022 година. 12 активности се дел од програмата која утре ќе се отвори во 22 часот.

Ребека Спасова М-Нет