Викендов се одржуваат двете аудиции за Фестивалот „Весело штурче“, кој се враќа по 25 години

Започнаа аудициите за Фестивалот „Весело штурче“ кој по 25 години се враќа на штипската сцена. Главните две аудиции се одржуваат викендов, од кои денешната е во Домот на млади – Штип, а аудицијата утре ќе се одржи во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ – Штип. Претходно учесниците и авторите на музика, текст и аранжман се пријавуваа на два конкурса, чиешто затворање беше на 1 јуни.

„Имаме пријавено многу дечиња, околу 60, со што по она што го слушнавме утрово во Штип и во другите градови претходните денови, гледаме дека ќе имаме доста тешка работа и ќе треба да одбереме само 20 дечиња. Има многу талентирани деца, навистина е убаво што има голема заинтересираност и тоа не само во Штип, туку и во повеќе градови низ Македонија. Опфатена е речиси целата држава, навистина, децата се многу талентирани и се подготвени. Тие што ќе бидат најдобри, ќе влезат во солистите, а останатите ќе бидат дел од хорот“, истакна директорот на Фестивалот, Филип Стевановски.

Фестивалот ќе се организира кон крајот на месец септември годинава и ќе биде од ревијален карактер. По Фестивалот, пак, предвидено е да има и караван низ сите градови, преку кој ќе се претстават децата. Инаку, интерес има и за вториот конкурс за автори на којшто пристигнале нешто повеќе од 30 песни.

„Има доста пријавени композиции, но првично овие два дена ги селектираме децата, па според тоа, во понеделник Комисија за избор на песните ќе одлучи кои песни ќе влезат. Пријавени има многу, над 35 композиции. Ќе видиме на кое дете како ќе одговара. Доколку има потреба, ќе направиме нарачка на некои композиции од одредени автори“, додава Стевановски.

Фестивалот на песни за деца „Весело штурче“ долги години се одржуваше во рамки на штипски „Макфест“, а последното издание беше пред околу дваесетина години. Целта е децата да се едуцираат за музичката култура и да ја искусат работата во студио и на сцена, а притоа да придонесе и за нова музика и нови автори. Како организатор на Фестивалот се јавува Здружението за култура, уметност и наука.

Ребека Спасова М-Нет