
Овој викенд второлигашите ќе ги имаат своите „генералки“ пред стартот на новата сезона кој е закажан за 15 август.
Детонит Плачковица ќе го одигра својот втор контролен натпревар, а кој ќе биде „генералка“ против Кожуф од Гевгелија. На овој меч штипскиот стратег Горан Здравков ќе има можност за последна проверка и да види како оди подигањето на формата пред почетокот на сезоната.
Од друга страна, Кожуф доби нов тренер, па сега стратегот Дарко Крстески ќе има можност само за еден контролен меч со цел да види каков тим има, каде се слабите точки и што и каде би требало да се засили.
Брера Струмица „генералка“ ќе игра против второлигашот од Малта, Санта Луција, ланскиот прволигаш ќе има можност против квалитетен тим да ја провери формата. Санта Луција е предводена од штипскиот тренер Емил Грнев и неговиот асистент Борче Постолов, исто така од Штип, а нивниот тим годинава ќе цели кон влез во Првата лига на Малта.
В недела ќе се игра „генералка“ под рефлектори во Струмица каде Беласица и Работнички ќе имаат можност за последна проверка пред стартот на новата сезона. Поранешните прволигаши ќе можат да видат како им оди подигањето на формата и за последен пат на контролен меч да корегираат одредени работи во самата игра пред стартот на првото коло на Втората лига закажан за 15 август.
Александар Ванев, М-Нет