
Најтрофејниот фудбалски клуб Вардар го доби одново Пелистер, дербито во Битола заврши со резултат од 1:2 за „црвено-црните“ кои се вратија на врвот во Првата македонска фудбалска лига.
Во првиот дел мрежите во Битола мируваа, а во вториот дел беа постигнати три погодоци. Мато го отвори резултатот со фантастичен гол во 54. минута, но по шест минути Петковски го израмни резултатот на 1:1.
Победникот беше решенен со гол од пенал, Закариќ во 83. минута беше сигурен реализатор од белата точка за конечни 1:2. Вардар сега се врати на врвот во Првата лига, со три победи во низа.
Арсими го продолжува трендот на позитивни резултати во фудбалската елита, откако дома го доби Башкими со резултат од 4:2, додека пак Тиквеш конечно дојде до триумф совладувајќи го Работнички во гости.
Тимот од Дебар Маало ја продлабочува резултатската криза и се наоѓа во долниот дел од табелата.
Струга Трим Лум со сигурни 0:2 го совлада тимот на Македонија ЃП во гости, а пак во Струмица беа забележани шест погодоци за делба на бодовите меѓу Брера и Силекс, двете екипи одиграа 3:3.
Од 12. коло останува да се одигра натпреварот меѓу Шкупи и Шкендија, кој е одложен поради европските обврски на шампионот од Тетово.
Вардар е на врвот со 30 бодови, Струга е втора со 29 бодови, а пак Шкендија е трета со 24 бодови, но со меч помалку. Силекс е на 4. место со 22 бодови, а пак Башкими е петти со 19 бодови. Брера Струмица има 16 бодови за шести место, седми е Арсими со 15 бодови.
Во бараж зоната е Македонија ЃП со 14 бодови како осми, Тиквеш е деветти со 12 бодови, во зоната за директно испаѓање е Пелистер како десетти со осум бодови, Работнички е претпоследен со седум бодови, а на дното е Шкупи со еден бод и меч помалку.
Овој викенд ќе се играат натпреварите од 13. коло на Првата лига, а во кое Струга дома ќе игра со Арсими, Башкими против Работнички дуел каде двете екипи ќе бараат враќање на победничките патеки, Вардар против Тиквеш, Пелистер ќе биде домаќин на Брера Струмица, Силекс дома го чека „фенерџијата“ Шкупи, а пак Шкендија ќе игра со Македонија ЃП.
Александар Ванев, М-Нет