Вардар Неготино на 8. јули ги започнува подготовките, договорени шест пријателски натпревари

Второлигашот Вардар од Неготино на 8. јули ги започнува подготовките за новата сезона. Шефот на стручниот штаб Горан Тодорчев во среда ќе ја има првата прозивка на Градскиот стадион во Неготино, а со тоа и ќе започнат летните подготвки за новата сезона од Втората македонска фудбалска лига.

Договорени се шест пријателски натпревари преку кои ќе се темпира формата за новата сезона. Првиот пријателски меч е на 17. јули против новиот второлигаш Вардарски од Богданци, три дена подоцна следува тест со Победа од Прилеп, на 24. јули ќе следува тест со струмичка Беласица, за 27. јули е закажен тест со повратникот во Втората лига екипата на Борец.

На 3. август следува пријателски меч со Кожуф, а „генералката“ ќе биде на 10. август против третолигашот Слога од Виница.

Како што дознава телевизија М Нет, веќе се водат преговори за нови засилувања кои ќе го засилат тимот за новата сезона.

Минатата сезона Вардар како повратник во Втората лига одигра одлична сезона, откако заврши на 6. место на табелата со 42 освоени бодови.

Александар Ванев, М-Нет