Вардар и Еурофарм Пелистер со убедливи победи, Тиквеш и Бутел со триумф го затворија регуларниот дел на ракометната Суперлига

ФОТО: Александар Ванев, М Нет телевизија

Во рамки на последното 22. коло на регуларниот дел на ракометната Суперлига, беа одиграни четири натпревари, а истото ќе се комплетира вечерва со останатите два меча.

Сосема беше очекувана високата победа на Вардар кој со 40:26 го декласираше тимот на Струга во меч кој се играше во Скопје. Маргхели и Димитро со по седум погодоци го водеа Вардар до високата победа, а пак стружани со по шест реализации се истакнаа Стојков и Џигероски.

Шампионот Еурофарм Пелистер со убедливи 22:35 однесе висока победа над Прилеп каде повеќе од јасно беше дека битолчани ќе прокнижат лесна и висока победа.

Кај прилепчани со по четири гола се истакнаа Квастек и Бикоски, а пај битолчани со пет гола најдобар беше Цветан Кузманоски.

Бутел со 23:21 го доби Пролет во скопското дерби каде домаќинот со победа го затвара регуларниот дел од Суперлигата. Во меч каде постојатно се менуваше водството и се играше гол за гол Бутел стигна до победа на крилата на Филип Николов кој беше најпрецизен со девет погодоци, додека пак кај Пролет со пет гола се истакна Никола Стоилевски.

Тиквеш преку пресврт го доби тимот на Борец Ф.Л. со резултат од 29:24. Одлично прво, но лошо второ полувреме за велешани. Во првиот дел гостинот од Велес имаш предност од пет гола при 4:9, но истата до крајот на првото полувреме беше стопена на само гол предност за гостинот од Велес.

Во вториот дел Тиквеш заигра подобро и го сврте резултатот во своја полза кога домаќинот израмни на 21:21, во следниот напад дојде до 22:21, а потоа започна да гради посериозна предност до конечни 29:24.

За Тиквеш најдобар беше Коцев со седум гола, а кај гостинот се истакна Черубим со пет реализации.

Вечерва Радовиш дома ќе игра со Куманово, а дербито на колото се игра во Автокоманда каде ќе се соочат Алкалоид и Охрид.

Александар Ванев, М-Нет