
Најтрофејниот македонски ракометен клуб Вардар утре ги започнува подготовките за новата сезона во Суперлигата.
Двократниот европски шампион својот прв собир ќе го има утре, а пак четири дена подоцна ќе го има и својот прв тренинг.
Подготовките ќе се реализираат во период од 5 до 13 август, а ќе се одигра и пријателски меч со Бутел Скопје, кој е закажан за 9 август.
Потоа Вардар ќе земе учество на турнирот „Крсте Андоновски“ во Охрид во период од 19 до 23 аввгуст, а потоа ќе настапи на турнир во Скопје во период од 28 до 31 август.
Пред стартот на новата сезона Вардар ќе игра во Суперкупот на Македонија на 3 септември, а потоа на 6 септември ќе започне новата сезона.
Минатата сезона Вардар го освои Купот на Македонија, а во трката за титулата загуби во последното коло на домашен терен од шампионот Еурофарм Пелистер, со што скопскиот клуб остана без титула, а пак битолскиот тим ја одбрани титулата која е трета во низа за вкупно девет титули.
Александар Ванев, М-Нет