
Ординациите со зголемен број на пациенти со горнореспираторни и долнореспираторни заболувања. Инфекциите кај граѓаните се сѐ почести, симптомите се различни, вели доктор Стојменов. Има случаи во кои пациентите имаат изразени симптоми, но има и такви кои поминуваат без температура и компликации. Загадувањето директно влијае врз зголемениот број инфекции, додава Стојменов.
„Факт е дека доминираат вирусни инфекции без, но и со температура, има такви кои се задржуваат на горните дишни патишта, но и такви кои даваат компликации и во вид на бронхитис. Зачестени се ваквите посети од страна на пациентите, изразито зачестени во нашите амбуланти. Емпириски загадувањето може да биде фактор кој учествува да се добијат ваквите инфекции, но тоа сѐ уште не е докажано“, вели Стоjменов.
Контактите и изолацијата се главниот метод за спречување на вирусните инфекции, исто како примерот со коронавирусот, вели доктор Стојменов. Колку помалку контакти се остваруваат, толку се помали шансите вирусот да се шири. Посочува на внимателност, бидејќи пораст на грипот допрва се очекува.
„Изолација од болните членови, внимавање на хигиената и употребата на хигиенски средства, на чашите, приборите за јадење, да се изолираат едноставно пациентите кои веќе ги добиле респираторните инфекции од останатите од семејството. Здравите да ги избегнуваат луѓето кои се со симптоми. Очекувам пораст на инфлуенсата на грипот кај пациентите, а таквиот пораст ќе даде уште поголем број на ваков вид заболени на респираторни заболувања“, додава Стоjменов.
Стојменов вели дека со подобрување на временските услови и можноста граѓаните да се движат на отворено и да проветруваат, ќе се чувствуваат подобро. Маските носат резултати, како и одржувањето хигиена.
Ребека Спасова М-Нет