
Прволигашот Брера Струмица веќе го утврди планот на подготовките, на 26. јуни екипата ќе ги започне подготовките за новата сезона, планирано е на 10. јули екипата да замине на главни подготовки во Банско, Бугарија.
Во следниот период ќе бидат промовирани нови засилувања во струмичкиот прволигаш, откако претходно, Брера се раздели со Матеј Цветаноски, Агрон Руфати и Александар Ристевски.
Во новата сезона како што вели стратегот на тимот Бојан Круљ, Брера Струмица ќе влезе со амбиции за атак на врвот од табелата и Европа.
„Амбицијата на клубот и моите лични се поклупуваат. Ќе се обидеме да бидеме на врвот од табелата а ако ни се даде можност за излез во Европа да го искористиме, оти тоа ни е цел. Наша цел е да ги развиваме младите талентирани фудбалери и сигурно ќе се обидеме да направиме баланс меѓу младоста и искуството и екипата да биде стабилна во текот на целата сезона за да може да освојуваме бодови дома и во гости“, рече Круљ во интервју за клупскиот сајт.
Ќе се работи на ангажман на неколку искусни играчи со карактер и играчи кои добро ја познаваат лигата. Тоа што било важно за Круљ е што констурот на екипата останува. Во новата сезона во сениорскиот тим ќе бидат приклучени неколку играчи од младинските категории, а со тоа им се дава можност и шанса и на младите играчи.
Воглавно целите на Брера Струмица за новата сезона се да се напаѓа врвот од табелата и да се обезбеди „виза“ за излез во Европа, а оваа сезона Брера Струмица заврши на седмото место со 42 бодови.
Александар Ванев, М-Нет