Брера Струмица веќе во погон – јасен план за пролетниот предизвик

фото: ФК Брера

Фудбалскиот клуб ФК Брера Струмица интензивно ги одработува подготовките за пролетниот дел од првенството, со јасно дефиниран план и амбиции за подобри резултати во продолжението од сезоната.

Стручниот штаб ги подели подготовките во три фази, со цел постепено темпирање на формата и оптимална подготвеност на екипата. Првата фаза се реализира во Струмица, каде акцентот е ставен на физичката подготвеност и основното тактичко воигрување.

Следниот чекор за „зелено-црните“ е подготовка во Грција, која ќе се одвива во периодот од 20 до 31 јануари. Таму се очекува екипата да одигра и неколку контролни натпревари, кои ќе послужат како важен тест за формата и конкуренцијата во тимот.

Завршната фаза повторно ќе се одработи на домашен терен во Струмица, каде фокусот ќе биде насочен кон финално воигрување и подготвување за стартот на пролетниот дел од шампионатот.

Во таборот на Брера владее позитивна атмосфера и работна дисциплина, а од клубот порачуваат дека подготовките се клучни за стабилен настап и исполнување на целите во вториот дел од сезоната.