Брера сака пет од пет во Штип, неизвесни дуели во Кавадарци и Кратово

Денес ќе бидат одиграни пет од шест натпревари од петтата рунда од Првата македонска фудбалска лига.

Во Штип гостува непоразениот лидер АП Брера Струмица кој сака пет од пет против Брегалница. Струмичани сезонава играат на високо ниво и тоа го потврдија преку почетните четири кола, откако славеа три домашни и една гостинска победа над лидерот Струга Трим Лум.

Брера во Штип доаѓа за пет од пет и продолжување на максималниот ефект, но теренот во Штип за струмичани е тежок барем така вели традицијата.

Ако формата е предност за Брера, тогаш Брегалница дефинитивно ќе се потпира на домашниот терен и публиката. Теренот во Штип важи за „жежок“ за сите екипи, а пред предизвик се и двете екипи. Брегалница сака трета победа, Брера сака пет од пет.

Работнички во Маџари ќе го пречека четирикратниот шампион Шкендија во дуел каде тетовци сакаат продолжување на победничката низа, а Работнички сака враќање на победничките патеки по поразот од Гостивар.

Шкендија има три од три на стартот од новата сезона и еден одложен меч (со Струга Трим Лум), па во Скопје доаѓа со максимални бодови на своето конто и во одлична форма. „Романтичарите“ сезонава имаат две победи на домашен терен и два порази на гостински терен, тоа значи дека Работнички ќе оди на три од три на домашен терен.

Според последните пет меѓусебни дуели традицијата е на страната на Шкендија која има биланс од четири победи во низа, а Работнички има само еден триумф, последниот од 9. март 2022 година. Ако ја погледнеме традицијата на постигнати погодоци тогаш на „Борис Трајковски“ треба да очекуваме најмалку два до три погодоци. Просекот на постигнати погодоци по натпревар од последните пет соочувања на Работнички и Шкендија е 3,2 по натпревар.

Шкупи на Чаир ќе го пречека повратникот Гостивар. Двете екипи не се во посакуваната форма и не се за пофалба на стартот од сезоната.

„Гулабите“ тргнаа со пораз од Работнички во скопската пресметка, следуваше минимален триумф над Вардар и две ремија со Силекс и Македонија ЃП. Шкупи силно посакува втора сезонска радост и нови три бодови со цел да се врати на победничките патеки.

Гостивар по три порази во низа се разбуди и славеше над Работнички со 2:0 во претходното коло за прво сезонска славје, а гостувањето на Чаир за нив ќе биде повеќе од тешко, па реален исход за нив би било се освен пораз.

Во Кратово ќе гледаме неизвесен, тврд и израмнет меч меѓу Силекс и Македонија ЃП. Двете екипи играат во речиси идентична форма.

Кратовци тргнаа со пораз во Штип, а потоа забележаа победа и две ремија, додека пак „лавовите“ имаат два порази, триумф и реми. Според традицијата од последните пет натпревари во Кратово нема да гледаме многу погодоци. Просекот по натпревар е два погодоци, а речиси поголем дел завршувале и со еден гол во мрежата.

Трите бодови ќе бидат важни и за Силекс и за Македонија ЃП со цел прогрес кон врвот од табелата.

Тиквеш на домашен терен ќе го пречека дебитантот Воска Спорт. И овде како и во Кратово ќе биде тежок и неизвесен меч. Двете екипи посакуваат три бодови. Охриѓани во рамки на вонредното 4. коло беа слободни откако мечот со Струга се одложи поради европските обврски на шампионот, па тоа беше одлична можност за целосни подготовки и анализи за гостувањето во Кавадарци, а кое доаѓа по првата прволигашка победа над Вардар на домашен терен.

Тиквеш тргна одлично со две победи во низа, но потоа дојдоа и два порази во низа. Кавадарчани веќе ги заборавија поразни и се насочија кон Воска Спорт со цел враќање на победничките патеки и нови три бодови на своето конто.

Дуелот меѓу Струга Трим Лум и Вардар е одложен за 1. ноември и ќе се одигра во 13 часот, а денешните натпревари ќе стартуваат во 16 часот.

Сите натпревари ќе стартуваат во 16 часот.