Брегалница сигурна против Новаци, Осогово со храбар бод од Автокоманда!

Продолжува соработката на М Нет телевизија и Фудбалската федерација на Македонија, а денес имавте можност да го следите натпреварот од Штип меѓу Брегалница и Новаци, каде во рамки на 17. коло екипата на Брегалница забележа победа од 3:1 против Новаци. Димитриј Димитриевски постигна гол за 1:0 на полувреме, а во вториот дел Новаци преку Христијан Торнески дојде до 1:1.

Тоа ја разбуди Брегалница која преку Давид Калпачки, дојде до 2:1 во 81. минута, а Благој Хаџи-Кимов во 87. минута ги постави конечните 3:1.

ФОТО: М Нет телевизија

Во Гостивар екипата на Арсими против Охрид забележа реми од 1:1. Гостите преку Бојан Затуроски отворија за 0:1, а Аљбин Рамадани ги постави конечните 1:1.

Лидерот Македонија ЃП на домашен терен се соочи со Башкими во дерби од горниот дел на табелата каде Башкими со 0:1 беше подобар со голот на Хусеин Демири.

Во Велес соочување на два поранешни прволигаш Борец и Победа во трката за опстанок во Втора лига денес Победа беше подобра со 0:1 со голот на Филип Димоски.

Во Радовиш екипата на Детонит Плачковица се соочи со Каменица Саса каде гостите со 1:2 беа подобри. Кристијан Чурлинов беше двоен стрелец за гостите, а Димоски си постигна автогол.

Во дербито на Југот во Гевгелија, екипата на Кожуф против „фенерџијата“ Вардарски, каде Сашо Дуков го реши мечот за победа од 1:0 за Кожуф.

Скопје во Автокоманда против кочански Осогово ремизираше играјќи 0:0 со што тимот од Кочани однесе многу важен бод.

Александар Ванев, М-Нет