
Денес се играат петте прволигашки натпревари во рамки на 26. коло од Првата македонска фудбалска лига.
Брегалница на Градскиот стадион во Штип ќе го пречека составот на Македонија Ѓорче Петров, во меч каде „сините“ ќе имаат улога на фаворит поради домашниот терен. Двете екипи играат во фантастична пролетна форма и тоа носи повеќе од неизвесен фудбал и најава за голема борба за теренот за трите бодови.
„Лавовите“ преку Шкендија во пенал-рулетот стигнаа до ново финале во Купот на Македонија, каде против Струга Трим Љум, која за првпат се најде во Куп-финале, ќе се обиде да ја одбрани Куп-титулата.
Брегалница под водство на Горан Здравков игра фантастичен фудбал, а тренерската промена и кај „лавовите“ резултатираше со далеку подобра форма од есенскиот дел, па така прволигашот од Ѓорче под водство на Горан Симов ја враќа доминацијата која ја имаше во ланската сезона.
Во секој случај во Штип ќе гледаме одлично дерби на Брегалница и Македонија ЃП, а штипската фудбалска јавноста ја очекува интересно и неизвесно соочување.
Во Струмица ќе се одигра важен меч каде Академија Пандев и Работнички немаат право на грешка во нивен меѓусебен дуел. На СЦ „Пандев“ домашниот тим ќе важи за фаворит за трите бодови против „романтичарите“ кои се во голема резултатска криза со четири последователни порази на последните пет натпревари.
Академија Пандев нема да право на грешка и по секоја цена ќе сака победа, со цел да не го загрози опстанокот, бидејќи Скопје има само три бода негатива, од друга страна и Работнички ќе сака позитивен резултат во Струмица, макар тоа било и реми, со цел да не дозволи токму Академија Пандев да се доближи само на бод.
Скопје во претходното коло на Чаир го сруши шампионот Шкупи со минимални 0:1, а сега на „Железарница“ во Автокоманда ќе се обиде да го изненади и лидерот Струга Трим Љум со позитивен резултат и со тоа „пиратите“ да продолжат да го живеат сонот за директен опстанок во Прва лига.
Струга има пет бода повеќе од второпласираната Шкендија, па позитивен резултат и три бодови ќе биде голем чекор на патот кон историска титула во ПМФЛ.
Победа е на сигурен пат кон експресно испаѓање во Втора лига, а денес ќе се соочи со Шкупи, меч кој ќе биде многу тежок за прилепчани, но и многу важен. Само позитивен резултат значително ќе ги зголемат шансите за опстанок на Победа во Прва лига, со нов пораз, кој за Победа би бил шести во низа ќе значи речиси сигурно испаѓање и експрено враќање во Втора лига.
Шкупи во Прилеп нема право на грешка и мора дома да се врати со три бодови, со цел да остане во трка за одбрана на титулата, во спротивно со нов кикс, „гулабите“ ќе бидат далеку од одбрана на титулата во домашното првенство.
Во Кавадарци се игра дерби на двата лути ривали – Тиквеш и Силекс. Три важни бодови и за двете екипи. Тиквеш сака триумф со цел враќање на победничките патеки по пет натпревари без победа, додека пак Силекс сака триумф со цел да атакува на местата кои водат во Европа, откако остана без финале во Купот на Македонија и со тоа можност за излез во Европа.
Три бодови за Силекс ќе значат голем чекор кон европската „виза“, а за Тиквеш трите бодови се важни со цел екипата да се врати на позитивните резултати кои ги имаше во есенскиот дел.
Во секој случај на Градскиот стадион во Кавадарци ќе гледаме неизвесен и тежок дуел.
Сите натпревари ќе започнат во 15 часот.