Брегалница го врати Алтипармаковски, искусниот фудбалер веќе е со тимот во Охрид

Брегалница го врати поранешниот македонски младински репрезентативец Марјан Алтипармаковски во своите редови за пролетната полусезона од Првата македонска фудбалска лига.

Искусниот 31-годишен офанзивец треба да донесе сериозен квалитет за нападот на штипските „сини“, а тој ќе биде повратник во Брегалница, откако за штипскиот прволигаш настапуваше од август 2021 до октомври 2022 година.

Битолчанецот претходно во богатата кариера беше дел и од Пелистер, Стуга Трим Љум и Работнички во македонскиот шампионат, настапуваше за Ксанти и Панилиакос во Грција, Интер Запрешиќ во Хрватска, Судува од Литванија, Сараево од БиХ и албански Лачи.

Според информациите на телевизија М Нет, Алтипармаковски денес пристигна во Охрид и тој се приклучи на старо-новата екипа и веќе од утре започнува со подготовките.

Како што дознава телевизија М Нет, Брегалница ќе се засили со уште двајца играчи за пролетната полусезона.