
Само десет проценти од луѓето во Штип, а толкав е процентот и во цела држава, го знаат брајовото писмо, може да се констатира на Светскиот ден на брајово писмо. Штип е единствен град кој почна да ги доставува сметките од ЈП „Исар“ на брајово писмо, но за жал оваа услуга ја користат само осум корисници на Здружението на слепи лица во Штип. Претседателот, Драги Витанов, ги изработува сметките, но тоа оди многу тешко, зашто работи на стара машина. Вели оти предноста на Штип е што има специјализиран принтер за оваа намена, но тој сѐ уште не е во функција.
„Пракса во другите градови нема, на брајово писмо не се изработува ништо. Имаше едно време во Скопје, се обидоа да направат нешто со Јавното комунално претпријатие, меѓутоа тоа беше кратко време и оттогаш нема ништо. Во Штип имаме специјален принтер за брајово писмо, но уште не е во функција, се наоѓа во ООУ „Ванчо Прке“. Се надевам дека бргу ќе дојдеме до него и со помош негова ќе може многу полесно да ги принтаме овие сметки“, вели Драги Витанов.
Брајовото писмо веќе подолго време се среќава на некои од лековите, но потребно е да се изготвуваат и други материјали, особено од областа на судството, образованието, како и другите сметки преку телефонските оператори и сметките за електрична енергија, вели Витанов. Сепак, може да се каже дека на 2500 луѓе само 250 го знаат ова писмо, а од помладите нема интерес за изучување.
„Само осум лица го знаат брајовото писмо, затоа што постарите, имаме доста членови коишто во повозрасна возраст го изгубиле видот, така што не можеле да го изучат брајовото писмо и не можат да го користат, нормално. Овие осум лица се лица коишто учеле специјализирано училиште за слепи лица во Скопје и затоа го знаат. Немаме интерес за изучување на брајовото писмо, најчесто помладите наши членови повеќе со информатика и технологија се занимаваат, така што не се заинтересирани за изучување на брајовата азбука и брајовото писмо“, додава Витанов.
Брајова азбука или брајово писмо е специјално писмо наменето за лицата со слаб вид или потполно слепите. Создадено е уште во 1821 година и произлегло од т.н. ноќно писмо на тајните служби кои го користеле во ноќните воени дејства. Францускиот учител за слепи, Луј Брај, ја усовршил оваа техника и настојувал таа да се користи во праксата.
Ребека Спасова М-Нет