Бранителот на Куп титулата Штип УГД утре во Радовиш го игра полуфиналето од Купот на Македонија против Работнички – штипјани подготвени со позитивна атмосфера во соблекувалната!

ФОТО: М Нет телевизија

Од утре до сабота ќе се игра завршницата од одбојкарскиот Куп на Македонија во машка и женска конкуренција, а домаќин ќе биде Радовиш.

Бранителот на Купот титулата, Штип УГД пред утрешниот полуфинален натпревар против Работнички организираше прес-конфереција преку која се најави утрешниот натпревар кој ќе започне во 16 часот, а се игра во СРЦ „25 Мај“.

„Тема на денешната прес-конференција ќе биде учеството на нашиот клубот на завршницата од Купот на Македонија која ќе се одржи од утре до сабота во спортската сала „25 Мај“ во Радовиш. Во полуфиналниот натпревар кој ќе се одржи утре во 16 часот нашиот клуб ќе вкрсти со Работнички од Скопје“, рече портпаролот на клубот Горан Стаменков.

Штипјани преку Работнички ќе бараат финале со цел одбрана на Куп титулата која минатата сезона беше освоена. Тренерот на Штип УГД, Кристиан Ристески на прес-конферецијата истакна дека ја респектира екипата на Работнички.

ФОТО: М Нет телевизија

„Ждрепката сакаше да одмерите силите со минатогодишниот полуфиналист односно протовник против нашата екипа, тоа е Работнички. Екипата на Работнички е составена од доста искусни играчи, репрезентативци на Грузија и Македонија, но и интернационалци. Досега трипати одигравме со оваа екипа и трипати ги освоивме бодовите. Но, сепак мислам дека завршниот збор оваа екипа го нема дадено, бидејќи е доста квалитетна и очекуваме барем во Купот тој квалитет да го покажат и докажат. Јас лично ја респектирам екипата на Работнички“, рече тренерот на Штип УГД, Кристиан Ристески.

Мирасчиев истакна дека се надева на подобра игра од ланското полуфинале.

„Како што кажа нашиот тренер утре не’ очекува доста интересен меч против екипата на Работнички, на која што не им давам толку искрено големо значење. Ние играме полуфинале, но ги знаеме нашите сили ги знаеме нивните сили мислам дека целата публика која што не следеше целата сезона нема прилика да го види нашиот максимум. Се надевам дека во оваа три дена нашата екипа ќе претстави едно ниво кое што досега не е видено, барем во оваа сезона. Се надевам на подобра игра од ланското полуфинале, секако и од ланското финале зошто да не. Секако дека амбиции се пласман во финале и одбрана на Купот без дилема“, рече Михајло Мирасчиев, одбојкар на ОК Штип УГД.

Доколку Штип УГД го добие натпреварот со Работнички во финалето ќе се соочи со подобриот од мечот меѓу Струмица и Борец, кој се игра утре од 19 часот.

„Не е тоа некое големо отскокнување на квалитетот, меѓутоа е малку поголем квалитетот на сите генерално на сите четири екипи кои се во завршницата. Од тој аспект кажав дека ќе биде доста интересна завршницата, доста интересен турнир и ќе има доста неизвесни натпревар. Работнички како што кажав се засили квалитетно исто така Борец се засили со интернационалци од Турција, Струмица можам да кажам дека секоја година веќе се засилува со интернационалци и има доста добра база на свои играчи и репрезентативци. Несомнено ќе биде еден од поинтересните завршни турнири. Се согласувам дека вакви сали треба да бидат домаќини на завршница на еден ваков настан на еден ваков вид на настан. Салата во Радовиш е прекрасна нема коментар“, рече Ристески.

„Атмосферата е на многу високо ниво искрено секој од нас е расположен, секој од нас знае што следи. За новите играчи свесни се дека ние имаме доста голем терет да кажам во овој смисол, бидејќи браниме титула“, рече Мирасчиев.

Повеќе од сигурно е дека штипјани ќе дојдат во Радовиш да дадат поддршка на нивниот миленик на патот кон одбрана на Куп титулата.

„Би сакал да ја повикам штипската јавност исто така доколку е во можност во што поголем број да дојде да не’ поддржа во оваа полуфинале, здравје Боже и во финалето со што би се остварила целта која ја најавив“, рече Ристески.

Штип УГД има за цел одбрана на Куп титулата, но ќе атакува и на титулата во лигата, односно оди кон освојување на двојната круна, што би било нов историски успех за клубот, а една од целите останува клубот да се појави на Европската сцена.

Александар Ванев, М-Нет