Бочварски: Експропријацијата на земјиштето кај брана на река Отиња е во тек

Дел за 100 денари за еден метар квадратен, кај други за 1200 денари. Граѓаните добиваат различни предлози за висината на цената за експропријација на земјиштето за брана на река Отиња. Министерот Бочварски прашан за разликата во цената вели оти таа постапка ја води Агенцијата за имотно-правни односи и Државното правобранителство, а сумата ќе ја исплатат тие веднаш откако ќе се издаде соодветно решение.

„И кога завршуваат постапките согласно со процедурите коишто ги има во државата и согласно со нивните правила за откуп на земјиште кога се гради објект од јавен интерес, на крајот се доставува решение за експроприрање на земјиштето, односно за исплата и можам само да информирам дека секаде каде што ќе добиеме решенија за експропријација од страна на Агенцијата за имотно-правни односи и завршена процедура преку Државното правобранителство со решение и потпис од страна на граѓаните, коишто ќе се согласат за истата сума, ние веднаш ќе ја исплатиме. Со тоа ќе ослободиме дополнителен простор за прогрес на работите на изградбата на браната на река Отиња“, истакна Бочварски.

Проектот за насипна брана со придружни елементи треба да обезбеди користење на водите од река Отиња и нејзиното сливно подрачје за водоснабдување со технолошка вода, како и дополнување на водоводниот систем за водоснабдување на населението со свежа вода. Брана на река Отиња е проект кој треба да биде завршен до почетокот на 2024 година. Досега се завршени нешто повеќе од 30% од градежните активности на терен, а истите се движат со одлична динамика според Министерот за транспорт и врски. Изградбата започна на 21 јули 2021 година, а инвестиционата вредност на проектот е 306 милиони денари.

Ребека Спасова М-Нет