Бочварски во штипска Автокоманда, започна работата на трите улици во вредност од над 470.000 евра

Започна асфалтирањето на трите улици во штипската населба Автокоманда. Со средства од 470 илјади евра, пари обезбедени од Министерството за транспорт и врски, денеска започна асфалтирањето на улиците „Браќа Даневи“, „Петти конгрес“ и „Солидарност“. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на денешниот увид во градежните активности, посочи зошто доцни целата постапка за завршување на овие три улици.

„Она коешто сакам да го истакнам е тоа за коешто имаме дописи и преписки со проектната единица од Министерството и надзорниот орган е дека првиот тајминг кој беше определен за асфалтирање на овие улици согласно со техничките процедури и временските услови беше 8.2., кога се направи испитување на тампонскиот слој и кога сѐ уште се забележуваше мрзнење на тампонскиот слој и многу ниски температури за да се изврши асфлатирање, со што надзорниот орган не даде зелено светло за асфалтирање на овие улици. Оваа недела е првиот момент кога надзорниот орган дозволи да се влезе со асфалтирање на терен заедно со изведувачите да ги завршиме овие градежни работи“, образложи Бочварски.

Градоначалникот Јорданов во неколку наврати побара извинување од министерот Бочварски заради доцнењето на градежните работи, ама Бочварски посочи дека да се извини треба Јорданов. Доцнењето е, вели тој, поради постапката која ја имала Општина Штип во делот на замената на подземната инсталација, што го оддолжило реализирањето на проектот за повеќе од четири месеца.

„На нас периодот ни беше отстапен крајот на есента и почетокот на зимскиот период да влеземе во реализација на овие локални патишта, кога и временските услови не се толку поволни како и во пролетниот период. Тоа се покажа оваа зима кога на минусни температури не може да се извршуваат асфалтерски работи и токму поради тоа, секако, извинувањето треба да го даде тој, нивната неажурност, неговата неажурност и одолговлекувањето на изработката на подземната инсталација на овие улици“, додаде Бочварски.

Министерот посочи дека ќе продолжи да комуницира со сите служби во Општина Штип и покрај тоа што Јорданов се обидува да создаде хаос во комуникацијата. Исто така, тој потенцираше и дека ќе продолжат со поддршката преку проекти за Штип.

Ребека Спасова М-Нет