Борец никако да победи – велешани лани останаа без прволигашки фудбал, а сезонава и без второлигашки!

Борец е единствениот второлигаш кој по 12 одиграни натпревари запиша 12 порази и се наоѓа „закован“ на дното без освоени бодови.

Борец минатата сезона директно испадна од Прва лига, а сезонава оди кон директно испаѓање и од Втора лига.

По заминувањето на Кочо Анѓушев од Борец, кој го финансираше клубот и кој тогаш беше стабилен прволигаш, велешката гордост започна да пропаѓа. Многумина ветуваа разни проекти со Борец, се менуваа управи и тренери, но Борец испадна од Прва лига и сега се наоѓа на дното од Втора лига и речиси сигурно оди кон испаѓање и во Трета лига – Југ.

Велешани се гневни со случувањата во Борец, многумина ги бараат оние кои ветуваа разни проекти со Борец, па дури и настапи во Европа, по заминувањето на Кочо Анѓушев, но сепак, останува едно, а тоа е дека Борец не може да запише ниту еден бод на своето конто и борбата за опстанок веќе е премногу тешка со секое одиграно коло.

По паузата поради репрезентативните обврски, Борец ќе гостува во Добри Дол каде ќе се соочи со Беса, во меч каде домаќинот ќе важи фаворит за трите бодови.