
Болеста позната како „бел клас“ ги пеплоса кочанските оризови полиња, а производството го намали за дополнителни 30%. Претходно, оризот го напаѓаше инсект, што значеше во најава намалено производство за 50%. Сега оризовиот клас е празен, а жетвата ќе даде слаби приноси и лош квалитет. Се очекуваат да се ожнеат одвај 16.000 тони, наспроти планираните 22.000.
„Сега овие денови се јавува и друга болест на кластот, останува кластот бел, ете гледате тој е бел нема оплодување и нема зрно. Во некои површини нема потреба нема ниту да се жнее. Ако претходно експертите најавуваа дека производството ќе биде намалено 50%, од тоа уште најмалку 20% ќе биде намалено производството, така што со 30% од оризот не можеме сите трошоци да ги покриеме, па не 1 евро, и 2 евра да биде, не се покриени трошоци. Значи, оваа година влегуваме свесно во загуба“, вели Тони Максимов, претседател на Здружението на оризопроизводител.
Промената на температурите и прекумерната влага се најчестата причина за многу болести. Кај лозовите насади, на пример, штетите се и до 100%. Од Националната мрежа на земјоделци бараа од Владата да прогласи елементарна непогода, но засега одговор од таму за такво нешто нема. Земјоделците бараат надлежните да излезат на терен и да проверат за какви сѐ болести станува збор.
„Родот ќе биде преполовен, болеста си го зеде своето. Ние како Здружение испративме писмо до министерот и премиерот, Институтот да дојде и да провери која е таа болест. Вака е веќе пет години, таа болест го десеткува оризот. Веројатно родот ќе биде за 50% намален“, вели Здравко Арсов, оризопроизводител.
„Што се однесува до површините коишто се подоцна посеани, по 20 мај, ние се надеваме дека ќе има подолго лето. Доколку имаме како лани, да падне слана порано, во септември, исто така ќе имаме намалување на приносот“, вели Стојче Ташовски, оризопроизводител.
Оризопроизводителите велат дека откупната цена не смее да биде помалку од 1 евро, во спротивно, велат, оризовите полиња ќе останат празни, а државата увозно-зависна.
„Без 1 евро, без 60 денари за оризова арпа нема веќе никој да сее. Еве, исто како со пченицата. Имаме 19 денари производна цена, а ја откупуваат по 8 – 9 денари. Која е логиката? Иста судбина ќе ја доживее и оризот, што значи дека полињата ќе бидат непосејани. Да произведуваш храна, а некој да те стопира, тоа е апсурд“, додава Арсов.
Инаку, Националната мрежа достави листа со осум барања. Бараат усогласување на цените, ослободување од плаќање воден надоместок, задолжителни производни цени за сите култури, како и оризот да стане стратешка култура. Во спротивно, земјоделците се заканија со радикални протести и блокирање на патиштата.
Ребека Спасова М-Нет