До крајот на годината Штип ќе добие полузатворен пазар со модерен изглед и подобри- услови

Полузатворен градски пазар ќе добие и Штип. Денеска на лице место градоначалникот, Иван Јорданов, го презентираше веќе изготвениот проект, чија реализација ќе започне наскоро. Врз основа на проектната документација во следните денови ќе се води тендерска постапка за избор на најповолен понудувач, којшто ќе го гради полузатворениот пазар.

„Во годините наназад оваа потреба е нотирана, затоа што овој градски пазар откако е направен, никогаш не бил реконструиран. Затоа одлучивме да издвоиме 10 милиони денари од Буџетот на Општина Штип, од парите на граѓаните, и оваа година да се заврши, да се изгради“, истакна Јорданов.

Според Јорданов, пазарот ќе биде по сите стандарди и со модерен изглед, што треба да ги привлече и купувачите и продавачите во поголем број.

„1200 м2 е површината којашто ќе биде полузатворена со челична конструкција, површината ќе биде поплочена, бетонирана со „феро-бетон“, според сите стандарди за ваков тип на полузатворен пазар. Висината на конструкцијата е од 3,5 до 5,5 м, којашто одговара според стандардите и според барањата и потребите на потрошувачите и на пазарџиите, така што станува збор за еден модерен проект“, додаде Јорданов.

Градоначалникот потсети на проблемот со дивите пазарџии, за чие решавање претходно реагираа и Пазарна инспекција и Секторот за внатрешни работи – Штип. Посочи дека завршувањето на овој проект ќе изискува дополнително регулирање.

„Доколку сакаме да ги насочиме купувачите и пазарџиите на оваа локација, на соодветни услови во текот на годината мораме да ги регулираме овие работи, односно да спречиме диви пазарџии да се поставуваат на јавни површини, на тротоари, и на тој начин да бидат нелојална конкуренција на оние пазарџии и продавачи коишто ќе закупат тезга или свој простор на градскиот пазар“, посочи Јорданов.

Со цел подобри услови за купувачите и продавачите, на просторот околу градскиот пазар ќе се обезбедат и дополнителни паркинг-позиции за возилата, што би помогнало и за проблемот со сообраќајниот метеж на пазарен ден.

Ребека Спасова М-Нет