Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во Истанбул ќе учествува на Бизнис форумот Северна Македонија – Турција, значаен економски настан посветен на продлабочување на билатералната соработка, привлекување инвестиции и отворање нови можности за партнерства меѓу компаниите и институциите од двете држави.
На форумот ќе учествува и висока македонска владина делегација, предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во чиј состав се и ресорни министри од економската, енергетската и инфраструктурната област. Од турска страна, домаќин на настанот ќе биде министерот за трговија на Република Турција, проф. д-р Омер Болат, а организацијата ја спроведуваат Министерството за трговија на Република Турција и DEİK – Советот за надворешни економски односи.
Форумот ќе ги обедини претставниците на владите, институциите и бизнис-заедниците од Македонија и Турција, со цел унапредување на економските односи, зголемување на трговската размена и поттикнување на нови инвестициски иницијативи.

Во рамки на форумот, министерката Божиновска ќе биде учесник на панел-дискусијата „Билатерална соработка во трговијата, индустријата, производството и синџирите на снабдување“, каде ќе ги претстави можностите што ги нуди Македонија во секторите енергетика, рударство и минерални суровини, како и реформските процеси насочени кон создавање стабилна, предвидлива и конкурентна инвестициска клима.
На маргините на форумот, министерката Божиновска ќе оствари билатерална средба со министерот за трговија на Република Турција, проф. д-р Омер Болат. На средбата се очекува да бидат разгледани можностите за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, зголемување на турските инвестиции во Македонија, како и потенцијалите за соработка во областа на енергетиката, рударството и развојот на стратешките индустрии.
Бизнис форумот претставува важна платформа за поврзување на институциите и деловната заедница од двете држави и дополнителен поттик за јакнење на економските врски меѓу Македонија и Турција, како и за отворање нови можности за инвестиции и одржлив економски развој.
Текстот Божиновска во Истанбул: Македонија ги претставува енергетските и инвестициските потенцијали пред турскиот бизнис е превземен од МАКФАКС.