
Синоќа беше комплетирано 2. коло на Втората лига со натпреварот под рефлектори во Струмица, каде Беласица преку пресврт со 3:2 го доби Скопје.
„Пиратите“ од Автокоманда со гол од пенал го отворија натпреварот за водство од 0:1, а потоа Беласица постигна гол за 1:1 на полувреме. Во вториот дел Беласица направи и комплетен пресврт од 3:1, а во финишот од мечот Скопје погоди за конечни 3:2.
„Честитки за моите играчи, натпреварот не ни започна баш најдобро, примивме гол до пенал, дали беше, дали не беше тоа е судиска одлука и оние се тие кои решаваат во тие моменти. После тоа покажавме поголем карактер од противникот се вративме со гол до полувремето и на полувремето се договоривме со моите играчи да бидат смирени, да не влегуваат во продолжението од натпреварот со еуфорично и мислам дека второто полувреме бевме тимот којшто доминираше на теренот. Бевме подобри од противникот на овој натпревар, секако дека и резултатот на крајот е одлика на самата игра. За атмосферата ќе кажам дека на Струмица и фали таков амбиент, на Беласица и фали таква поддршка и само со поддршка на трибините ќе го развиеме фудбалот и во вакви услови и ќе оди напред. Еве еден апел до сите љубители на фудбалот во Струмица, да продолжат да ја поддржува Беласица во оваа сезона, затоа што Беласица мислам дека ќе има што да каже и тек како во првенството“, рече тренерот на Беласица, Александар Стојанов.
Во следното коло Беласица ќе оди на гостување кај новиот второлигаш Големо Коњари, каде тимот од Струмица ќе биде апсолутен фаворит во секој сегмент.
„Видовте еден интересен натпревар на две солидни екипи, на домаќинот сакам да му честитам за освоените три бода. Во текот на натпреварот покажаа дека се многу понаред од нас, можеби повеќе ја сакаа победата, ние тренираме само три недели заедно со тимот, така да почеток на првенство е одиме напред, во фудбалот знаете како не се гледа почетокот на акцијата се гледа крајот. Одиме од коло во коло за повеќе игри и повеќе бодови“, вели тренерот на Скопје, Александар Таневски.
Екипата на Скопје во следното коло на домашен терен ја очекува тешко соочување против Шкендија од Арачиново, која по првите две кола е максимална со шест бодови.
Александар Ванев, М-Нет