Слога Виница пукна „петарда“, Осогово до три бодови, Шкендија Арачиново е максимална!

Второто коло донесе многу погодоци вкупно 29 погодоци беа постигнати на осум натпревари, на сите натпревари имаше најмалку два погодоци, најмногу во Виница вкупно шест, а по пет имаше во Струмица и Тетово.

Екипата на Слога Виница предводена од штипскиот тренер Емил Грнев со убедливи 5:1 го декласираше Големо Коњари. Разликата во квалитет е голема, а во дуелот на двата лански третолигаши, тимо од Виница беше убедлив, а всушност Слога е првата која постигна пет погодоци во новата сезона и засега ја има најубедливата победа.

Кожуф на домашен терен забележа прва радост со сигурни 2:0 против тимот на Новаци, а сигурна победа имаше и Брегалница која со 0:2 славеше над Вардар Неготино на „Цвај арената“, ова всушност се победи за двата штипски тренери Иван Варадиновски односно Влатко Костов.

По мечот во Гевгелија, Варадиновски за М Нет истакна дека одиграле како што се договориле, вели дека имале контрола и доминирале во текот на целиот меч, а притоа им честиташе на играчите за играта, а испрати благодарност до навивачката група „Фантоми“.

Во пренос на М Нет телевизија можевте да го следите натпреварот меѓу Шкендија Арачиново и Охрид, натпревар кој го доби тимот од Арачиново преку пресврт со 2:1, за максимални шест бодови на своето конто.

„Најпрвин сакам да искажам честитки за моите фудбалери, исто и за публиката која да не поддржи. Навистина тежок противник ако знаеме дека Охрид летово најмногу се засили со многу голем број на играчи квалитетни. Натперварот навистина тргна лошо примивме од една контра гол, но тоа што мене ме радува сите фудбалери не се прерадоа, туку тоа што бевме договорени од самиот почеток диктиравме темпо 80 минути на ниво на прволигашка екипа. Цело време бевме во напад создадовме прилики можевме и порано да го решиме натпреварот, шансата на Десниќ“, вели тренерот на Шкендија Арачиново, Љупчо Марковски – Калц.

Тренерот на Охрид, Ромео Кочоски вели дека одлично го отвориле натпреварот, а во изјавата за М Нет истакна дека не искористиле неколку прилики, а тоа противникот го казнил. Како што вели Кочоски натпреварот потоа имал друг тек што му одговарал на домаќинот, но додава дека не заслужиле да си заминат без бод од тешкото гостување.

Реми во Прилеп меѓу Победа и Каменица Саса од 2:2, а пак Осогово на домашен терен се израдува на првиот триумф во новата сезона откако со 2:0 славеше над Преспа од РЕсен.

Во тетовско Јегуновце беа постигнати пет погодоци за победа преку пресврт на Тетекс од 3:2 над Детонит Плачковица, а радовишани добија и два црвени картони на овој меч.

По натпреварот тренерот на Детонит Плачковица, Горан Здравков во кратка изјава за М Нет телевизија истакна дека победа во Јегуновце била победа за судијата.

Во мечот под рефлектори во Струмица беа постигнати пет погодоци, екипата на Беласица до доби вечерниот дуел со Скопје, соочување на два поранешни прволигаши со конечен исход од 3:2.

Александар Ванев, М-Нет