
Министерот Спасовски на средба со раководството на СВР Штип констатираше намалување на криминалитетот на ова подрачје за 14%. Во изјавата за медиумите тој посочи дека тоа влијае и на генералното намалување на криминалитетот на државата. Вкупната ефикасноста во расчистувањето на кривичните дела е 70%, заклучи тој.
„Намалување има и кај вкупниот број на кривични дела со познат сторител за 7%, а од непознат сторител за 19% и со постигната реална ефикасност за расчистување од 45%, која бележи пораст од минатата година, додека, пак, вкупната ефикасност во расчистени кривични дела е 70%. Радува податокот што класичниот криминал бележи намалување од 16% според бројот на евидентирани кривични дела и постигната ефикасност за расчистување од 41%“, вели Спасовски.
Намалени се тешките кражби и економскиот криминал, а зголемена е откривачката дејност, како во областа на оружјето, така и во однос на деликтите со шверц на дрога.
„Во делот на тешките кражби, кои се еден од приоритетите за СВР Штип во извештајниот период евидентирано е намалување за 17% на пријавени тешки кражби, додека кај делата од областа на економски криминал намалувањето е за 22%. Кај деликтите од недозволената трговија откривачката дејност е зголемена за 32% со откриени 123 кривични дела, при што од оние во областа на оружје регистрирано е зголемување во откривањето за 38%, а кај деликтите со шверц на дрога зголемувањето е 31%“, посочи Спасовски.
Спасовски посочи дека тоа значи оти и превентивните активности даваат резултат. Минатата година имало најдобри резултати во последните 30 години, а оваа година споредбено со тие резултати бројките се уште подобри.
„Во областа на јавниот ред и мир СВР Штип годинава бележи намалување од околу 10% по сите параметри, додека за одбележување се реализирани 2100 превентивни активности на различни теми од сите области во рамките на СВР Штип“, додава Спасовски.
Безбедносната состојба е мирна и стабилна, како на подрачјето на СВР Штип, така и на цела држава, подвлече Спасовски. Додаде дека најважната работа е да има предвидливост на криминалитетот, а засега нема некакви индиции дека состојбата може да биде нарушена.
Ребека Спасова М-Нет