
20-тата рунда во Трета лига – Север беше доста ефикасна кога станува збор по постигнати погодоци. Најубедлива победа забележа ССК Нова која на домашен терен со 7:2 го „распадна“ Волково, а фаворитите за Втора лига одиграа според планот.
ССК Нова на домашен терен беше повеќе од убедлива над Волково со високи 7:2. Исмаиловски постигна хет-трик за домашниот тим, а двоен стрелец беше Ристовски, додека пак Сулејман и Стевковски постигнаа по еден гол. За гостите Најдовски и Наумовски беа стрелци.
Фортуна со голот на Мурат Садри славеше над некогашниот прволигаш Еуромилк ГЛ со минимални 1:0 на домашен терен.
БВК Коњаре со убедливи 4:0 ја доби Риниа, а херој за домашниот тим беше Фикрет Љиварека кој постигна хетт-трик, додека пак првиот гол беше дело на Мусли Љика.
Беса Влазрими на домашен терен со 2:1 го доби дуелот со Бакими ЉУботен, а мечот беше решен дури во 96. минута со голот на Амир Бајрами.
Резултатот беше отворен по три минути игра со голот на Харун Касуми, а оваа предност доамќините ја чуваа до 86. минута кога Аљајдин Османи во 86. минута погоди за 1:1. Кога сите мислеа дека ќе додје до поделба на бодовите, Бајрами во 96. минута стралеше за 2:1 и голема победа за домашниот тим.
Петровец на домашен терен беше поразен од фаворитот за Втора лига, екипата на Башкими од Куманово со 1:3. Лидерот на полувреме имаше предност од 0:2 со погодоците на Газмир Ахмети и Амар Имери. На стартот од вториот дел Егзон Азири погоди за 0:3, па веќе беа решение сите дилеми за трите бодови. Александар Божинов во 68. минута само го ублажи поразот на конечните 1:3.
Куманово преку пресврт со 2:1 беше подобар во дуелот со Маџари Солидарност на домашниот терен во Доброшане.
Гостите преку Давор Јовановски во 30. минута стигнаа до водство од 0:1, резултат со кој се замина и на полувреме. Во вториот дел Христијан Благоевски во 51. минута го израмни резултатот на 1:1, а во 78. минута стигна „казната“ за гостите, откако Ѓорѓи Попоски погоди за конечни 2:1 и три бодови на контото на Куманово.
Раштак на домашен терен со „петарда“ (5:2) беше далеку подобар противник против Аеродром. Давид Блажевски и Влатко Трпковски беа двојни стрелци за домашниот тим, а петтиот гол беше дело на Ангел Стевковски. За гостите Ралевски и Киранџиќ беа погодоци.
Ланскиот второлигаш Кадино на домашен терен беше поразен од Илинден во меч со пет погодоци (2:3). Гостите до триумфот стигнаа преку пресврт, откако на полувреме Кадино имаше водство од 1:0 со голот на Мартин Лазев, постигнат во 26. минута. На стартот од вториот дел Цаневски го израмни резултатот на 1:1, а веќе во 60. минута Зафировски обезбеди предност за Илинден од 1:2.
Кадино преку Илиевски успеа да израмни на 2:2 во 72. минута, а по три минути Божиновски погоди и одново донесе водство за Илинден од 2:3, а овој резултат се покажа и како конечен.