
Кошаркарките на Баскет Кам пред домашната публика во Македонска Каменица лесно стигнаа до триумф над Патриот од Делчево откако триумфираа со резултат од 65:50 во рамките на 5. коло на Првата женска кошаркарска лига.
Во сите четврти подобар беше поранешниот шампион, првата ја доби со 15:13, втората со 16:11, а третата со 21:15 и тука беше направена потребната разлика, а во последната четвртина резултатот беше 13:11.
Сања Адамовска повторно имаше одличен настап. Репрезентативката беше на чекор до нов трипл-дабл, завршувајќи го натпреварот со 26 поени, 14 скока и девет асистенции. Притоа, имаше одлична реализација за три поени, погодувајќи шест од осум обиди. Дојчинова додаде 19 поени, а Митева уште 13 поени и три асистенции.
Во редовите на Патриот, кој сè уште ја очекува првата победа, Божинова забележа дабл-дабл од 15 поени и исто толку скока, додека Рашова натпреварот го заврши со 11 поени и 12 скока.
Вардар го доби дербито со Бадел и останува единствениот непоразен тим со максимален ефект од пет победи од толку меча добивајќи го мечот со 63:75. За Бадел ова беше првиот пораз и со тоа е прекината серијата од четири победи во низа.
Натпреварот имаше големи резултатски осцилации, првата четвртина ја доби Бадел со 27:9, а втората со 16:13. Но, во вториот дел се случи комплетен пресврт. Вардар предводен од Александар Ашовалиев ја доби третата четвртина со 6:25 со што врати за првата четвртина, а во последната беше подобар со 14:27 надополнувајќи ја негативата која беше доволна за славје.
Јана Пислевска беше најефикасна во победничкиот состав со 25 поени, четири скока и две асистенции. Марија Николиќ оствари дабл-дабл учинок од 17 поени и 12 скока, дополнети со две асистенции.
Кај Бадел, кој го претрпе првиот првенствен пораз, Николов реализираше 20 поени, седум асистенции и три скока, а Клири го заврши натпреварот со 17 поени, седум скока и пет освоени топки.
Пробаскет со убедливи 91:69 славеше над Гевгелија, сите пет стартерки на Пробаскет го завршија натпреварот со двоцифрен број на поени, во гостинскиот состав, Деловска беше најефикасна со 17 поени.
Шампионот Крива Паланка го запиша третиот сезонски пораз откако го загуби мечот со МЗТ Скопје со 60:45.
Дејвис беше најефикасна во победничкиот состав со 19 поени, на кои додаде осум асистенции и шест скока. Рејчел постигна 14 поени, со осум скока и три асистенции.
Во составот на Крива Паланка, кој настапи без суспендираната Ли, Груевска постигна 12 поени, со три асистенции и два скока. Алексовска и Гордон имаа по 11 поени.
Во поглед на табелата, на првото место е Вардар со максимални десет бодови, втор е Бадел со девет бодови, а пак МЗТ и Баскет Кам од Македонска Каменица го делат третото место со по осум бодови. На делба на петтото место е Крива Паланка и Пробаскет со по седум бодови, Гевгелија е претпоследна со шест бодови, а пак делчевски Патриот е на дното со пет бодови и единствен тим кој нема позитивен резултат односно има пет порази од толку натпревари.
Александар Ванев, М-Нет